вторник, 22 октомври 2024

Израелски новинар: Ова е де факто копнена инвазија на Газа

Додека Израел ги засилува своите копнени операции во Газа, луѓето се поделени околу тоа дали тоа е најдобриот план за акција, изјави израелски новинар за Скај њуз.

Објавено на

часот

Сподели

Зборувајќи од Тел Авив, Јотам Конфино кажа дека половина Израелци би сакале копнената офанзива да се одложи со надеж дека ќе се постигне договор за ослободување на сите 239 заложници, додека околу 29 отсто мислат дека треба „целосно да се влезе во Газа“.

„Кога станува збор за копнената офанзива, тукашната израелска заедница е прилично поделена“, кажа надворешнополитичкиот уредник на Џуиш њуз и додаде: „Некои семејства се гневни, да бидеме искрени, бидејќи тврдат дека премиерот (Бенјамин) Нетанјаху требало да му даде на Хамас сè што сака во замена за ослободување на заложниците.

Не е важно дали станува збор за пуштање илјадници терористи од израелските затвори, тие само ги сакаат своите најмили назад од заробеништво“, ги објаснува аргументите на израелските семејства чии членови припадниците на Хамас ги држат во заробеништво во Газа.

Тој објаснува дека Нетанјаху е „прилично непопуларен“ бидејќи „одбива да преземе одговорност за 7 октомври и не успева да обезбеди договор со Хамас што би овозможило ослободување на заложниците“. Иако има воени упади во Газа, засега нема голема копнена инвазија, која израелските власти ја најавуваат од 7 октомври.

Но, израелските сили се на границите на Газа и во енклавата од петокот вечерта. Станува збор за најзначајното и најдолготрајно присуство со ограничени упади во Газа.

„Можеме да собереме два и два и да ги видиме материјалите што ги објавуваат. Ова е де факто копнена инвазија“, кажа Конфино.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ