сабота, 19 октомври 2024

Израел: Регрутиравме рекордни 300.000 резервисти, одиме во напад

Израел регрутираше рекордни 300.000 резервисти како одговор на повеќекратниот напад од Газа и „трга во офанзива“, изјави денеска висок воен портпарол. Од ненадејниот напад во саботата, израелски авиони гаѓаат цели во Газа додека копнените сили се борат да ја вратат контролата врз пограничните села и градови заземени од палестински вооружени напаѓачи.

Објавено на

часот

Сподели

Главниот воен портпарол контраадмирал Даниел Хагари рече дека контролата врз заедниците била повторно воспоставена, но дека изолирани судири продолжуваат бидејќи некои вооружени напаѓачи сѐ уште се активни. „Сега вршиме претреси во сите заедници и ја расчистуваме областа“, рече тој на телевизиски брифинг.

Воени претставници претходно изјавија дека нивниот фокус е на обезбедување на надворешната граница на Израел пред да спроведат каква било поголема ескалација на контраофанзивата во Газа. Хагари рече дека армијата од саботата повикала 300.000 резервисти, што укажува на подготовки за можна инвазија – иако таквите планови не се официјално потврдени.

„Никогаш не сме регрутирале толку многу резервисти во таков обем“, рече тој. „Одиме во офанзива“, додаде тој. Хагари ги потврди медиумските извештаи дека на израелската страна на границата загинале 700 луѓе, вклучително и 73 потврдени припадници на безбедносните сили.

Тој рече дека израелската армија убила стотици палестински вооружени напаѓачи. Министерството за здравство на Газа во понеделникот објави дека најмалку 493 Палестинци се убиени, а 2.751 се ранети во израелските воздушни напади врз енклавата од саботата.

Поради конфликтот, повеќе од 123.000 луѓе ги напуштиле своите домови, соопшти Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (ОЦХА).

„Непријателствата предизвикаа внатрешно раселување“, соопшти Канцеларијата, мислејќи на повеќе од 17.500 семејства со вкупно 123.538 членови, пред сѐ поради страв и загриженост за својата безбедност и поради уништување на нивните домови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ