петок, 22 ноември 2024

Израел почнува нова фаза од војната, со помалку војници и воздушни напади

Израелската војска почна нова и помалку интензивна фаза од својата инвазија на Газа, изјави главниот воен портпарол Даниел Хагари, по продолжениот притисок од САД и другите сојузници да ја намалат офанзивата што предизвика масовно уништување и цивилни жртви.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Контраадмиралот Хагари рече дека во таа фаза ќе бидат вклучени помалку копнени сили и ќе има помалку воздушни напади.

Тој најави дека Израел ќе продолжи да го намалува бројот на војниците во Газа, процес што почна во декември.

Хагари, навестувајќи дека Израел ги деградирал воените способности на Хамас на северот на Газа, изјави за Њујорк тајмс дека армијата сега ќе се фокусира на упориштата на организацијата во јужниот и централниот дел на палестинската територија, особено околу градовите Кан Јунис и Деир ал Балах.

Тој, исто така, објави дека Израел има цел да ја олесни испораката на повеќе хуманитарна помош, вклучително и шатори за раселување на луѓето во Газа.

Портпаролот го изјави ова пред пристигнувањето на американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Израел, како дел од турнејата во регионот чија цел е да се спречи прераснување на конфликтот во Газа во регионална војна.

Сепак, не е јасно дали новата фаза од израелската офанзива ќе биде помалку опасна за палестинските цивили.

Здравствените власти во Газа продолжуваат да известуваат за десетици смртни случаи во секојдневните воздушни напади.

Во понеделникот беше објавено дека претходната ноќ биле убиени 247 луѓе, што е најголем број убиени во еден ден од почетокот на војната.

Израелските сили го бомбардираа Кан Јунис и централна Газа за време на судирите во тие области, велат жителите.

Израелските сили убиле тројца Палестинци во северниот дел на Западниот Брег во последната ескалација на насилството на окупираната територија.

Во заедничкото соопштение на израелската полиција и безбедносната служба Шин Бет се наведува дека Палестинците биле убиени во размена на оган со израелските сили, која се случила доцна синоќа при апсење во селото Иктаба.

Палестинското Министерство за здравство ја потврди смртта на тројца мажи, а бригадите на маченици ал-Акса, военото крило на владејачката партија Фатах, ги идентификуваа како нејзини членови.

Иктаба е веднаш до градот Тулкарм, место на жестоки судири во последните месеци, според Асошиејтед прес.

По последното насилство, на социјалните мрежи беа објавени видеа на кои се гледа како Палестинците се убиваат од непосредна близина, пренесува британски Гардијан.

Според извештаите, таквите видеа не можат да се проверат, а на нив се гледа дека војниците продолжуваат да пукаат во ранет Палестинец, кој лежи на земја, а врз телото на еден од убиените минува израелско оклопно возило.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ