недела, 21 јули 2024

Иранскиот лидер: Можен е договор со Западот за нуклеарната програма

Објавено на

часот

Сподели

Повеќемесечните индиректни преговори меѓу Техеран и Вашингтон за обновување на нуклеарниот договор со шесте светски сили сопреа од септември, а двете страни меѓусебно се обвинуваат за неразумни барања.

Ајатолахот Али Хамнеи внимателно ја одобри можноста за обновување на договорот неколку дена откако Техеран и Вашингтон негираа дека се приближуваат кон привремен договор, според кој Иран би ја намалил својата нуклеарна програма во замена за ослабување на санкциите.

„Нема ништо лошо во договорот (со светските сили), но во инфраструктурата на нашата нуклеарна индустрија не смее да се чепка“, кажа Хамнеи, а пренесуваат иранските државни медиуми.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент одби да ги коментира изјавите на Хамнеи повторувајќи го ставот на владата на претседателот Џо Бајден дека Соединетите Американски Држави се „посветени на тоа никогаш да не му дозволат на Иран да стекне нуклеарно оружје“.

„Веруваме дека дипломатијата е најдобриот начин да се постигне целта на сигурна и трајна основа, но претседателот исто така беше јасен дека ниедна опција не е тргната од маса“, кажа тој алудирајќи на можноста за воена акција.

„Нема да ја карактеризираме природата на изјавата на иранскиот лидер“, додаде портпаролот.

Со договорот од 2015 година беше ограничено иранското збогатување на ураниум за Техеран да не може да развие нуклеарно оружје, а за возврат беа укинати меѓународните санкции.

Тогашниот американски претседател Доналд Трамп го напушти договорот во 2018 година и повторно воведе санкции кои ја уништуваат иранската економија.

Хамнеи го повтори официјалниот став на земјата кажувајќи дека Исламската Република никогаш не сакала да развие нуклеарна бомба.

„Обвинувањата за тоа дека Техеран сака нуклеарно оружје се лага и тие тоа го знаат. Не сакаме нуклеарно оружје поради нашите верски уверувања“, кажа Хамнеи.

Ајатолахот, кој го има последниот збор во сите државни прашања, кажа дека нуклеарните служби во земјата треба да продолжат да соработуваат со Меѓународната агенција за атомска енергија на Обединетите нации (ИАЕА) „под рамка на гаранции“. Сепак, Хамнеи истакна дека иранските власти не треба да попуштаат пред „претераните и погрешни барања“ на ИАЕА.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ