Од здружението на инженери велат дека станува збор за капитален проект од стратегиски интерес за државата и дека нивниот законски проект е така направен за да се овозможи непречена реализација, без оглед на тоа која политичка партија ја формира Владата.
Од ИНРМ е категорични дека е потребно да се изгради Чебрен и дека македонската држава може да ја раководи реализацијата на проектотот., Неговата реализација нема да биде лесна работа, но дека на тоа не треба да се гледа како на проблем, туку е голем предизвик.
„Проектот Чебрен е економски исплатлив и општествено корисен од енергетски водостопански и социјален аспект. Македонија може финансиски да го поднесе овој проект, преку интелигентно финансиско управување“, категорични се инженерите и потсетуваат дека досегашното искуство со 14 јавни повици за партнерство со инвеститори од други земји се покажа дека не е функционално.
Но, од ИНРМ забележуваат дека проектот е проследен со ризици поради стохастичката природа на водата како природен обновлив ресурс и дека единствено е прашањето за колку години ќе се отплати инвестицијата. Ако проектот не е исплатлив, не би се јавил ниту еден учесник на јавниот повик, велат инженерите.
Тие додаваат вредноста на водата постојано расте .и дека е оправдано да се вложува на тој план
„При денешна состојба, евидентна е брзата изградба на голем број сончеви фотоволтаични централи. Во определени периоди, може да се добие (купи) евтина електрична енергија, која не може да се пласира на берзата за трговија со електрична енергија. Со тоа се зголемува оправданоста за реализацијата на пумпно-акумулациониот хидроенергетски објект и може да се скуси периодот за враќање на инвестираните средства (Simple Payback Period). Водата е со голема вредност денес, а во наредните десетлетија таа ќе станува сѐ поценета како стратегиски ресурс на секоја држава, но и во светски рамки. При носењето на одлуките, мора да се води сметка за суверенитетот и територијалната целина на државата како и уредувањето на територијата за потребите на одбраната предвидени со Планот за одбрана на Републиката“, наведваа здружението на инженери.
Со изградбата на Чебрен, велат, се постигнуваат многу важни придобивки:
- Наводнување на земјоделските површини во Пелагонискиот и Тиквешкиот регион;
- Работа на домашните градежни и други компании во реализацијата на проектот;
- Обука во реални услови на припадниците на армијата од родот инженерија во процесот на минирање и уредување на непристапниот терен;
- Внесување на современо Know-how во македонското стопанство;
- Надградба на македонски стручен кадар, неопходен за нашето стопанство и
- Позитивниот социјален ефект во однос на бруто-домашниот производ.
„Од решенијата на овој Проект многу зависат одговорите и на следниве прашања: Колкаво е учеството на секој метар кубен вода во зголемување на приносот на земјоделските култури? Какво е влијанието на климатските промени во однос на очекуваниот годишен просек на врнежи? Кои количини вода се потребни за денешното ниво на индустријата и кои се очекувањата во блиската иднина од 10-20 години? Од каде ќе се обезбеди наводнувањето на Пелагонија и Тиквешко Поле, покрај другите извори и слично. Постојат поголем број предлог-решенија кои се на ниво на идеја, пред-фисибилити или фисибилити студија. Во нив во суштина доминираат две насоки:
- Неколку брани во каскада со помала височина (Скочивир, Чебрен, Галиште, Орлов Камен) или
- Голем Чебрен (брана од 192 метри) придружен со мала брана Орлов Камен, за да се овозможи реверзибилна работа на постројките.
Потребно е целата досегашна инвестициско-техничка документација од секторите на електростопанство, земјоделие, животна средина, академските институции да се собере на едно место.
Врз основа на длабинска анализа (Due Diligence), експертска работна група ќе дефинира најдобро прифатливо решение во однос на националните интереси на Република Македонија за кое ќе се изработи соодветна проектна документација (Идеен проект). Идејниот проект треба да биде ревидиран од реномирана ревизорска компанија. Следува изработката на главни проекти со кој ќе се дефинира реалната цена за изградбата на овој проект. Потоа може да се пристапи кон изработка на план за реализација на проектот во сите негови фази (BIM – Building information modeling) во кој е вклучен и начинот на финансирањето и протокот на паричните средства (Business Plan)“, се наведува во информацијата за медиумите за иницијативата.
Според ИНРМ законот треба да биде подготвен со јасни и прецизни законски и подзаконски норми, без простор за толкување на законските решенија, со што се постигнува целта при спроведување на законот во практиката. Во исто време се нагласува дека треба да се привлечат компетентни и искусни професионалци со цел да им се овозможи да работат на одговорен и независен начин.
„Доколку не биде донесен овој Закон, реализацијата на овој капитален проект ќе биде зависен единствено од политичката гарнитура која е на власт, нејзиниот капацитет и приоритет со повеќегодишно одложување на решавањето и повторно отворање на дилемата: Јавно приватно партнерство или изградба на овој капацитет со сопствени сили“, велат од ИНРМ и ги наведуваат само дел од придобивките од донесување на таков закон:
- Формирање на компанија, акционерско друштво, во 100% сопственост на Македонија, со однапред дефиниран годишен буџет, кој не зависи од моменталната политичка гарнитура во Владата.
- Средствата кои ќе се издвојат од буџетот ќе се вратат назад на ангажираните компании од поедините сектори на стопанството (градежништво, машинство, автоматика, електроенергетика и др.). Се зголемува БДП.
- Ќе се отворат нови работни места за невработените и млади кадри, преквалификуваните работници од термоцентралите кои ќе се затворат и нашите работници и експерти од странство.
- Учесниците во реализацијата, по потреба ќе се здружуваат, ќе се стекнат со дополнително искуство и референци за да настапат и на пазарот на труд надвор од Македонија.
- Армиските припадници од родот Инженерија ќе се стекнат со многу потребните практични знаења и искуства истовремено влијаејќи на намалување на трошоците за реализација на Проектот.
- Ќе се доделат стипендии на студенти од соодветните Технички факултети, со вработување на најдобрите поединци.
- Ќе се намали одливот на високо стручен кадар надвор од државата.
- Ќе заживее и ќе се рехабилитира македонската градежна оператива.
- Ние како држава ќе решаваме кој ќе ја испорача опремата, со можност дел да се произведува кај нас, а нашите млади инженери да бидат кај нив на пракса.
- Ние како држава ќе решаваме кои експерти ќе ги ангажираме за да учествуваат во проектирањето на деликатните делови, придружувани од наши млади инженери.
- Ќе се овозможи учество на домашни и странски инвеститори, со право на дел од добивката после реализацијата на проектот.
- Можност да се добијат средства од Европската Унија за енергетската транзиција (гаснење на термоцентралите) во согласност со Зелениот договор (Green Deal).
- При анализите на проектот ќе се усогласат перформансите со проектот Вардарска долина.