недела, 24 ноември 2024

Иницијатива О2: Разочарани сме од претседателката, сега ќе се дивее со градби на зелени површини

Иницијативата О2 изрази разочарување од изјавата на претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова дека ќе го потпише Законот за урбанистичко планирање. Несериозно и смешно е што таа го прифатила објаснувањето од министерот за транспорт Александар Николоски дека измените се привремени и преодни, зашто се работи за закон, кој ќе биде во сила додека не се донесе нов закон, велат од Иницијативата и додаваат дека дотогаш ќе се градат објект и катни гаражи на малку останатите зелени површини каде треба децата да си играат.

Објавено на

часот

Сподели

Во реакцијата се вели:
„Со оглед на заедничката историја која со сегашната претседателка ја имавме додека беше во функција на пратеничка во Собранието, очекувавме принципиелност, и доследност во застапување на правните принципи и важноста еден ваков закон да биде донесен со широка јавна расправа, бидејќи состојбите на терен се и бездруго катастрофални, а не поведување под популистичкото мото: училишта, градинки, болници…, кои се само еден мал дел од вкупните измени што се донесени.
Претседателката нагласува дека зад законот стојат 64 пратеници и со оглед дека немало дискусии, немало гласање против (имаше, и тоа 11 пратеника) ситуацијата ќе се повторела дури и да го вратела законот и да не го потпише указот, па затоа решила сепак да го потпше.
Претседателке Сиљановска – Давкова, пред три години пратениците со 72 гласа За, 3 воздржани и само 5 против го изгласаа Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти (познат како т.н. легализација на дивоградби). Повеќе граѓански здруженија од тогашниот претседател Пендаровски побаравме тој да не го потпише Указот за прогласување на овој закон. Пендаровски не го потпиша Указот, без оглед на огромното мнозинство пратеници кои тогаш застанаа зад законот. Тој закон не беше повторно изгласан, бидејќи предлагачот, Владата, односно министерството за транспорт и врски, го повлече.
Ваквото ваше резонирање е тажно, затоа што ако се работеше толку за училиштата, градинките, болниците и реализација на помошта за општините, ќе беше донесена нова измена која ќе ги опфатеше САМО овие категории, после одржана јавна расправа за која и самата како пратеник сте се залагале.
Прифаќање на објаснувањето од министерот за транспорт Николоски, дека измените се привремени и преодни е несериозно, дури смешно.
Се работи за закон.
Тој е на сила додека не биде донесен нов, со кој постоечкиот нема да е повеќе на сила. Колкав ќе биде тој временски период никој не знае, но едно е сигурно: нема да биде краток.
До тогаш ќе ги видиме жестоките реперкусии на стапување во сила на околу 600 урбанистички планови изработувани повеќе од 4 и пол години по застарени податоци и неважечки закони и правилници, најчесто иницирани и инвестирани од приватни инвеститори кои се грижат исклучиво за својот личен интерес. А катните гаражи ќе никнат на зелени површини каде колку толку сè уште можат да играат деца. Ваква идеја имаше и градоначалникот на Карпош во минатото, сакаше една катна гаража да ја смести до детската градинка, на тревна површина позади станбена зграда, каде играат деца. Токму немање на ДУП го спречи во реализација на таа лоша идеја.
Сега, повеќе нема кој да ги запре градоначалниците во спроведување на нивните дискутабилни идеи за тоа каде треба да ,,израснат” катни гаражи. Но, одговорноста од произлезениот хаос и одземање на драгоцените зелени површини ќе ја сносите и Вие, заедно со Владата и пратениците кои ги усвоија овие измени.
Изедначување на нашето прифаќање на покана во 5 до 12 за присуство на комисија, со цел да го образложиме нашиот став зошто сме против, воопшто не е исто со одржување на јавна расправа каде стручната јавност, граѓанскиот сектор и сите засегнати страни имаат можност да го дадат своето мислење, за потоа да се сумираат мислењата и да се пристапи кон вклучување на истите во законското решение. Знаеме дека Вие, Претседателке, го знаете ова и токму затоа сме разочарани од ваквото ставање во контекст на две сосема различни работи.
За крај, до Вас, со барања се обратија повеќе од 25 граѓански здруженија и иницијативи и повеќе од 50 индивидуални граѓани, меѓу кои е и барањето на познатата архитектка Даница Павловска Циги во име на архитекти, урбанисти и стотина консултирани добронамерни познавачи на актуелните состојби во просторот.
Вие решивте да ги игнорирате аргументите кои сите ние ги имаме и селективно да ги уважите аргументите на министерот кои се однесуваат само на една од бројните измени во овој закон.
Голема штета е што ова е една од првите одлуки на оваа за вас, нова позиција, со која ќе бидете неславно запаметена. Го кажавте вашето, на наше големо разочарување.
Сега бидете сведок на последиците“.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ