недела, 24 ноември 2024

„Индијанаполис стар“ од 1936 година: “Г. Попчев не е Шпанец. Тој е Македонец и горд е на тој факт, но Шпанец или Македонец, револуциите се движат по истите крвави линии“

Сведоштва за самосвесноста на Македонците за својата национална посебност и кога сè уште не постоела македонската држава, можат да се најдат низ архивите на светскиот печат. Такво едно сведоштво се пронаоѓа во архивата на американскиот весник „Индијанаполис стар“ во државата Индијана,  од 23 август 1936, во сеќавањата на Дине Попчев за Илинденското востание.

Објавено на

часот

Сподели

Во времето на Шпанската граѓанска војна, новинар на весникот „Индијанаполис стар“ го пронаоѓа македонскиот револуционер Дине Г. Попчев, учесник во Илинденското востание од 1903, во Македонија. Дине Попчев, во таа 1936 година има своја продавница, пекарница и ресторан на улицата Вест Вашингтон во Индијанаполис, категорично се претставува како Македонец, и според пишувањето на новинарот – страсно зборува за деновите на македонското востание во 1903 година. Новинарот прави паралела на тогаш актуелната Шпанска граѓанска војна и Илинденското востание во Македонија 1903, констатирајќи дека „ револуциите се движат по истите крвави линии, иако предизвиците можат да варираат“.

„ Г. Попчев не е Шпанец. Тој е Македонец и горд е на тој факт, но Шпанец или Македонец, се чини револуциите се движат по истите крвави линии, иако предизвиците можат да варираат. Господинот Попчев сега не е револуционер, ниту пак размислува да се врати на тоа опасно занимање, кога било во иднина. Тој е надвор од револуционерите игри од 1903 година и видел доволно во тоа време, што ќе го памети цел живот.  Тој слуша за револуцијата во Шпанија, чита по нешто за тоа, но не многу, зашто г.Попчев не чита добро англиски. Но неговите пријатни и ‘многу американски’ ќерки му читаат и му раскажуваат за тоа“, пишува во „Инидијанаполис стар“ од 1936.

Потоа, текстот се насочува на спомените на Дине и неговата сопруга, која и самата учествувала како девојче во Илиднеското востание.

„Загледан во мирната улица Вест Вашингтон, тој се прашува дали револуциите вредат за цената платена за нив. Неговиот ум се враќа во крвавата македонска 1903 година, кога мажите и жените се дигнаа да удрат на Турците.  Да, и жените се дигнаа со мажите, како што направија и во Шпанија последниве недели. Г-ѓа Попчева влегува во разговорот и говори како жена. Во тоа време таа имала само 16 години и не било баш лесно да ракува со секира или да пука со пиштол, како што многу жени правеле во Македонија во крвавата 1903 година.

Г-ѓа Попчев, која не била Попчев во тоа време, била извидник и шпион. Многу девојки на нејина вораст биле извиднички и шпионки. Тоа било најмалку што можеле да направат.

Г-дин и г-ѓа Попчев зборуваат за револуцијата од 1903 со голема возбуда. Неопходно е одвреме-навреме, нивната ќерка Евдокија да му ги толкува нивните забелешки на репортерот. Се чини тагата по Македонија ги врати назад, многу години. Турците владееле со тупаница во ракавици. Македонците знаеле дека борот „слобода“ е некаков синоним на рај, што може да се освои само преку смртта“, ги опишува емоциите на Попчеви авторот на текстот.

„Немаше надеж за нас. Ние само сакавме да си ги живееме нашите животи, да имаме мир, да имаме некакви права. Но немаше надеж за нас. Па си велевме, ‘Што и ако умреме? Подобро да умревме тогаш, отколку да живеевме така’. Плаќавме даноци а се. Секогаш бевме сиромашни. Многу сиромашни. Што и ако умревме?“, цитирана е сопругата на Дине Попчев во сведоштвото на „Индијанаполис стар“ од 1936 за Илинденското востание во Македонија, 1903 година.

Во текстот се наведува дека многу Македонци умреле во 1903 година. Кажуваат дека таа година бил одржан конгрес на Македонците кои биле подготвени да умрат. Криумчареле муниција за другите Македонци кои биле подготвени да умрат, и на одреден датум започнала револуцијата од 1903. Се наведува и дека за три месеци револуционерите ги потиснале Турците и презмале контрола „над својата родна земја“.

„Но Турците беа моќна нација во споредба со малечката Македонија. Тие набргу испратија повеќе војници и нè надвладеаја. Заробените беа заедно оковани и маршираа до затворот.  Наскоро затворите беа полни и заробените маршираа кон пустината Сахара, да бидат оставени да умрат од глад и жед“, се сеќава Дине Попчев за „Инидијанаполис стар“ во 1936 година, на настаните и случувањата по задушувањето на Илинденското востание.

Дине Попчев и самиот некое време бил затвореник, откако некој симпатизер на Турците бил убиен и Попчев со уште десетина мажи бил обвинет. Чуварите ги оковале заедно и ги воделе во затвор оддалечен со милји од Македонија. Откако бил амнестиран, по неколку години Попчев заминал за Америка, но никогаш не го заборавил Илинденското востание во Македонија и секогаш се претставувал како горд Македонец, и пред да биде конституирана македонската држава, на АСНОМ 1944 година.

Ј.П.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ