понеделник, 21 октомври 2024

Индија и Кина се договорија за воените патроли долж спорната граница

Индија и Кина, по четиригодишен конфликт, најдоа решение за воените патроли долж спорната граница на Хималаите, соопшти индиското Министерство за надворешни работи.

Објавено на

часот

Сподели

Министерот за надворешни работи Викрам Мисри рече дека договорот ќе овозможи „раздружување“ на војниците на долгата хималајска граница меѓу двете азиски земји.

Мисри, сепак, не прецизираше дали тоа значи повлекување на десетиците илјади војници што двете земји дополнително ги распоредија долж спорната граница во северниот регион Ладак, откако нивните армии се судрија во 2020 година.

Тој рече дека договорот е резултат на повеќекратните разговори одржани во текот на изминатите неколку недели меѓу индиските и кинеските дипломатски и воени преговарачи и ќе доведе до „конечно решавање на прашањата што се појавија во овие области во 2020 година“.

Соопштението беше објавено во пресрет на учеството на индискиот премиер Нарендра Моди на самитот на БРИКС во Русија, на кој учествува и Кина. Локалните медиуми објавија дека Моди би можел да разговара со кинескиот претседател Си Џинпинг на маргините на самитот во Казан.

Односите меѓу Индија и Кина се влошија во јули 2020 година, откако најмалку 20 индиски и четворица кинески војници беа убиени во воен судир. Ова се претвори во долгорочен конфликт во таа планинска област, каде што секоја страна распореди по десетици илјади војници.

И Индија и Кина ги повлекоа војниците од некои области на северниот и јужниот брег на езерото Пангонг Ко, Гогра и долината Галван. Највисоките команданти на индиската и кинеската армија одржаа неколку разговори по воениот конфликт за да се договорат за повлекување на сите војници од областа.

Индија и Кина водеа војна за меѓусебната граница во 1962 година. Според Индија, границата е долга 3.488 километри, додека Кина тврди дека таа е многу пократка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ