вторник, 22 октомври 2024

Илиевски: Доста е со пазарењето за оценки

Образованието во Македонија е на работ од срамот, каде секој што може си зема за право да менаџира со кој сака и како сака, а не како треба, пишува во најновата колумна Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија.

Објавено на

часот

Сподели

Повод за ваквото тврдење на Илиевски е дописот од дел од вработените во прилепската гимназија Мирче Ацев кои, меѓу другото, обвинуваат за неправилности во оценувањето на учениците.

„До кога пазарење за оценки? Морало да се со сите петки, морало да нема единици за да имало деца, па ќе немало доволно часови. Па, да ќе нема деца, кога не се нуди квалитет. Со кревање на раце се поправаат оценки без да се води сметка дали нешто знаел ученикот или не. Место родителите да се борат за да научат нивните деца, тие се борат за оценки“, пренесува Илиевски дел од обвинувањата на дел од вработените во прилепската гимназија Мирче Ацев.

Откако ги проверил ваквите наоди, Илиевски прашува, што станаа училишно-наставничките совети?

„До кога советите на крај на година ќе бидат состаноци во кој професорите ќе се тормозат по цели денови и ќе се дискутира исклучиво на кој да му се поправела некоја оценка? Зар тоа е единствена работа на советот? И по кој основ се одлучува да се поправи оценката без никаков аргумент, освен дека некој треба да биде одличен, или да бил со сите петки, или да не останел на право или пак да немало единици, за да не дојде ситуација да не се запишеле ученици? Совесно е ова? Срамно!“, оценува Илиевски.

Наместо наставниот кадар и менаџерите на ваквите институции да се занимаваат со креативни практики и усовршување на наставно-научниот процес, во 21- ви век сѐ поголем е притисокот во самодокажување за лични интереси, импонирање на поединечни структури во секаква смисла, а притоа сѐ почест случај на дискриминирање и мобинг на лицата кои не се вклопиле во ваквите извитоперени вредности, пишува Илиевски.

„Дали и тие се помалку наставен кадар кој има интигритет да се спротистави на некои од овие девијации и треба да си дозаминат и откажат?! Имено, последниве денови од наставната година, повеќето од наставниот кадар се под притисок на секаков вид на мобинг, не само од надворешни лица, туку и од страна на некои од директорите?! На моето прашање до директорката на гимназијата, Весна Михајловска, за исказите на загрижените наставници, за вршење на притисоци, мобинг и заплашување со повикување на некакви просветни инспектори од нејзина страна и педагогот, истата ги ‘негира’ и тврди дека ‘не е точно’“, пишува Илиевски.

Поради ова, Илиевски го повикува градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески да даде одговори што се случува со средното образование во Прилеп.

„Дали во Македонија еднаш ќе можеме да си погледнеме искрено в очи и да си ја признаеме горката вистина и да кажеме, доста е луѓе, доста е“, пишува Илиевски во својата најнова колумна.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ