понеделник, 21 октомври 2024

И покрај енергетската криза имаме значаен напредок во процесот на декарбонизација, тврди министерот Бектеши

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопштија од Министерството за економија, Бектеши се обратил на панел дискусијата на тема „Енергетска диверзификација: Кон европската енергетска независност“, на која се дискутирало за предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан во процесот на декарбонизација и промоција на обновливи извори на енергија.

Тој потенцирал дека потребата од енергетска трансформација на Западен Балкан што значи декарбонизација и зголемени инвестиции во обновливи извори на енергија, е еден од најголемите приоритети, пред се во услови на енергетска криза.

„Северна Македонија е првата земја членка на Енергетската заедница, која изработи Национален план за енергија и клима, кој опфаќа декарбонизација, енергетска ефикасност, безбедност во снабдувањето со енергија, внатрешен пазар на енергија и истражување, иновации и конкурентност. Декарбонизацијата е и еден од главните столбови на националната Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година. Зависноста на земјата од увоз на природен гас, како и од повеќето горива, го прави сценариото за декарбонизација значително ранливо на превирањата на пазарите за јаглен, нафта, природен гас и електрична енергија, предизвикани од руската инвазија на Украина“, истакнал министерот Бектеши.

Како обрски кои ги има преземено Македонија во делот на декарбонизација, се додава во соопштението, се предвидува во наредниот период да се затворат термоелектраните и со тоа да се стопира производството на електрична енергија од јаглен, да се зголеми учеството на обновливите извори во енергеткиот сектор, процес, се посочува, кој веќе е започнат со инвестиции во фотонапонски централи, како и намалување на зависноста од увоз на електрична енергија.

„Постигнавме постигна значителен напредок во декарбонизацијата и климатските активности во националните стратешки и акциски документи за енергија и клима. Согласно Стратегијата за развој на енергетиката, учеството на ОИЕ во бруто-финалната потрошувачка на енергија се очекува да се зголеми, достигнувајќи во опсег од 35-45 проценти во 2040 година“, кажал Бектеши.

Министерот потенцирал дека Македонија во делот на природниот гас, во моментот е целосно зависна од рускиот гас, но со поддршка на нашите партнери САД и ЕУ минатата година државата успеа да обезбеди дополнителни капацитети во гасоводот со Бугарија, а до крајот на годината ќе започне и изградбата на интерконекторот со Република Грција со што ќе се диверзифицираат изворите за снабдување со овој енергенс.

Бектеши информирал дека се работи на гасно поврзување со Србија и со Косово што би значело, како што рекол, поголема енергетска независност на регионот. 

На панел дискусијата „Енергетска диверзификација: Кон европска енергетска независност” се обратиле Џефри Пајат, помошник државен секретар за енергетика во Стејт Департментот, Ана Новаковиќ Ѓуровиќ, министер за животна средина, просторно планирање и урбанизам на Црна Гора, Ведран Лакиќ, министер за индустрија, рударство и енергетика на Федерацијата Босна и Херцеговина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ