петок, 18 октомври 2024

Хутите за резолуцијата на Советот за безбедност на ОН: „Тоа е политичка игра, САД се тие кои го кршат меѓународното право“

Лидерот на Хутите Али ал Хути порача денес дека резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации, со која од јеменските бунтовници се бара да престанат со нападите на трговските бродови во Црвено Море, претставува политичка игра и дека Соединетите Американски Држави се тие кои го кршат меѓународното право.

Објавено на

часот

Сподели

Ал Хути на социјалната мрежа Икс кажа дека она што јеменските бунтовници го прават влегува во рамката на „легитимна одбрана“ и дека секоја акција со која ќе се соочат ќе има соодветен одговор, пренесува Ројтерс.

„Го повикуваме Советот за безбедност веднаш да ги ослободи 2,3 милиони луѓе од израелско-американската опсада на Газа“, соопшти лидерот на Хутите. Хутите се проиранска организација која ја држи контролата врз поголемиот дел од Јемен за време на граѓанската војна. Тие претходно соопштија дека ќе ги напаѓаат бродовите кои се поврзани со Израел или одат кон израелските пристаништа, за на тој начин да им дадат поддршка на Палестинците во Газа.

Советот за безбедност на ОН усвои вчера резолуција со која од јеменските Хути се бара да престанат со нападите на комерцијалните и трговските бродови во Црвено Море.

Како што е наведено во резолуцијата, Советот за безбедност „најостро ги осудува нападите на Хутите“, кои ги има најмалку 20, на комерцијалните бродови, од 19 ноември 2023 година.

Покрај тоа, Советот за безбедност на ОН „бара Хутите веднаш да ги прекинат сите такви напади кои ја попречуваат глобалната трговија, им штетат на правата и слободата на пловењето и го загрозуваат регионалниот мир и безбедноста“.

За резолуцијата гласаа 11 земји, против неа не беше ниедна членка на Советот за безбедност, додека Русија, Кина, Алжир и Мозамбик беа воздржани. Пред гласањето, Советот за безбедност отфрли три амандмани на Русија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ