четврток, 24 октомври 2024

Хрватот кој ќе ја известува ЕУ за Белград: Пред Србија има многу работа

Новиот постојан известувач на Европскиот парламент за Србија, хрватскиот европарламентарец Тонино Пицула, изјави дека во оценките на напредокот на Белград ќе инсистира на исполнувањето на условите кои за приклучување во Европската Унија се поставуваат пред земјите кандидати.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Мојата работа е да разговарам со претставниците на институциите кои мора да ја завршат главната работа, бидејќи за состојбата во некоја земја е најодговорна власта. Јас треба во разговорите со претставниците на власта да ги комуницирам очекувањата и да го анализирам она што по некоја општа проценка мора да се направи“, кажа Пицула за хрватската новинска агенција Хина.

Тој додаде дека претпоставува дека тој процес ќе биде сложен, но дека на неговата страна е политичкото „европско и национално“ искуство.

На прашањето за оценките на дел од медиумите во Србија кои го нарекуваат „србомрзач“, Пицула кажа дека благодарение на претходното искуство има „еден вид резистенција на она што не е оправдана критика, што е можеби идеолошко или вредносно обоено“.

Тој кажа дека за известувач од Србија не е именуван затоа што е Хрват, туку затоа што се докажал во последните 11 години, кога требало да се потврди приврзаноста на ЕП на продолжување на политиката на проширување.

„Но подеднакво во тој процес, освен поддршката, ние често бевме критични кон сè она што го оценивме како недозволиво или недоволно развиено кога станува збор за државите кандидати. Навистина, јас би сакал и Србија на некој начин да оди чекор во чекор со своите политички амбиции“, додаде тој.

„Никој не ја бира надвор од Србија власта во Србија, но доколку земјата сака да стане членка на ЕУ, тогаш ќе мора партнерски да се однесува и кон ЕУ, кој има свои критериуми“, кажа Пицула, додавајќи дека „пред Србија има многу работа“.

На прашањето за изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека Србија „утре би станала членка на ЕУ“ кога би го признала Косово и би ѝ вовела санкции на Русија, што го отфрли како неприфатливо, Пицула одговори дека тоа не би било доволно.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ