„ХРВ собра докази дека израелските функционери вршат воено злосторство со присилно раселување на цивили“, се вели во извештајот објавен денеска од оваа невладина организација.
„Хјуман рајтс воч откри дека присилното раселување е широко распространето, а доказите покажуваат дека тоа е систематско и е дел од државната политика. Таквите дела, исто така, претставуваат злосторства против човештвото“, се посочува во извештајот.
Во извештајот се вели дека „израелските дејствија исто така ја исполнуваат дефиницијата за етничко чистење“ во областите каде што армијата им наредила на Палестинците да заминат и каде што нема да можат да се вратат. ХРВ вели дека раселувањето на Палестинците „веројатно е планирано да биде трајно во тампон-зоните и безбедносните коридори“.
Израелските власти ги повикуваат жителите на цели делови од територијата да се евакуираат поради воените операции, нагласувајќи дека на тој начин придонесуваат за заштита на цивилите.
Обединетите нации проценија дека во октомври имало 1,9 милиони раселени жители на Појасот Газа. Вкупно, на таа територија во почетокот на војната меѓу Израел и Хамас имало околу 2,4 милиони жители.
Израелската армија и Министерството за надворешни работи не ги коментираа веднаш наводите на ХРВ, но израелските власти претходно ги отфрлаа ваквите обвинувања и тврдат дека нивните сили дејствуваат во согласност со меѓународното право.