петок, 18 октомври 2024

Хамас нема да преговара за ослободување на заложниците без прекин на огнот

Хамас нема да влегува во преговори за натамошна размена на затвореници без прекин на израелската воена акција во Газа, објави палестинското екстремистичко движење.

Објавено на

часот

Сподели

„Хамас го повторува својот став дека нема да води никакви преговори за размена на заробеници, освен ако ционистичката агресија врз нашиот народ не престане еднаш засекогаш“, објави Хамас, додавајќи дека пораката била пренесена до сите инволвирани посредници.

Пораката доаѓа во моментот кога Катар се обидува да посредува меѓу Израел и Хамас за воспоставување нова хуманитарна пауза во Појасот Газа.

Високи израелски и катарски функционери се сретнале во Норвешка за да разговараат за размена на преостанатите заложници киднапирани од Хамас за палестински затвореници во израелските затвори.

Ниту една страна не ги потврди овие тврдења.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави во саботата вечерта дека воениот притисок врз Хамас мора да продолжи за да се обезбеди победа и враќање на сите киднапирани.

Минатиот месец Израел и Хамас се договорија за прекин на огнот, со посредство на Египет и Катар.

Прекинот на огнот траеше една недела и овозможи ослободување на 105 заложници. За возврат, Израел ослободи 240 палестински затвореници од израелските затвори.

Според израелските проценки во Газа сѐ уште има 112 заложници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ