сабота, 13 јули 2024

Гувернерката и министерката за финансии разговараа за макроекономската и финансиска стабилност

Меѓусебна соработка и координиран пристап во спроведување на фискалната и монетарната политика е клучот за обезбедување макроекономска и финансиска стабилност, констатирале министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска на денешната средба, соопшти Министерството за финансии.

Објавено на

часот

Сподели

Димитриеска-Кочоска потенцирала дека Министерството за финансии ќе води фискална политика насочена кон враќање на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност преку постепена фискална консолидација и подобрување на управувањето на јавните финансии и одржување високо ниво на капитални расходи. Фискална политика, додала Димитриеска-Кочоска, ќе биде во функција на економскиот раст, во услови на умерено и одржливо ниво на дефицит и јавен долг.

Таа очекува дека добрата координација на монетарната и фискалната политика заедно со одржувањето умерен буџетски дефицит и стабилност на девизниот курс ќе придонесат кон намалување на инфлацијата којашто се очекува во периодот 2025-2028 година да изнесува меѓу 2 и 2,5 проценти на годишно ниво.

На средбата од страна на министерката било посочено дека Владата ќе ја почитува независноста на Народната банка и очекува дека таа преку навремени мерки и активности ќе одржува ниска инфлација, стабилност на девизниот курс и ќе се грижи за ефикасен и стабилен финансиски систем.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска ја истакнала заложбата за координирање меѓу монетарната и фискалната политика заради задржување на макроекономската стабилност.

„Ефикасната соработка помеѓу монетарната и фискалната политика е од витално значење за надминување на економските предизвици од денешницата и за поттикнување одржлив раст. Во услови на глобална неизвесност, усогласувањето на овие политики е исклучително важно за стабилизирање на инфлацијата на трајна основа, за поддршка на инвестициите и на вработеноста. Со овој координиран пристап се зајакнува економската отпорност и на преден план се става стабилноста во окружувањето коешто постојано се менува“, посочила гувернерката Ангеловска-Бежоска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ