понеделник, 21 октомври 2024

Гутереш згрозен од нападот на конвојот на брзата помош во Газа

Обединетите нации (ОН) го осудија израелскиот напад врз амбулантните возила во Газа во кој загинаа 15 лица.

Објавено на

часот

Сподели

Израелската војска потврди дека го извршила нападот, велејќи дека „цел на нападот биле членови на палестинската исламистичка група Хамас“, кои користеле амбулантни возила, што Хамас го демантираше.

„Згрозен сум“, изјави синоќа генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и истакна дека сликите од телата „расфрлани на улицата пред болницата се потресни“.

Гутереш во изјавата го повтори барањето за хуманитарен прекин на огнот во Газа, наведувајќи дека цивилите „се под опсада, дека не им е дозволено да помогнат, нивните домови се бомбардирани речиси еден месец“, како израелска одмазда по ненадејниот напад од Хамас на 7 октомври.

Тој рече дека мора да се почитува меѓународното хуманитарно право, вклучително и заштитата на цивилите и цивилната инфраструктура и да не се користат цивилите како жив штит. Гутереш, исто така, апелираше хуманитарна помош да се достави низ Газа „пропорционално на драматичната ситуација“.

Црвената полумесечина соопшти дека во конвојот имало пет амбулантни возила, од кои едно од Министерството за здравство на Хамас и едно од Црвениот крст. Според соопштението, нападот се случил на неколку метри од болницата Ал Шифа, најголемата во Газа.
Од хуманитарната организација додаваат дека цел биле и други амбулантни возила на околу еден километар од болницата и дека има повредени.

Израелските воздухопловни сили „погодија амбулантно возило за кое утврдија дека се користи од терористичка ќелија на Хамас во близина на нивната позиција во борбената зона“, се вели во соопштението на армијата.

Хамас преку Телеграм негираше дека нивните борци биле во тој автомобил, наведувајќи дека тоа се „нови лаги кои се додаваат на постојаните невистини, кои се користат за да се оправдаат овие злосторства“.

Според Министерството за здравство на Хамас, во нападот загинале 15 лица, а 60 се повредени.

Портпаролот на Министерството за здравство изјави дека возилото на брзата помош било дел од конвојот кој превезувал неколку повредени во болница во Египет.

Црвената полумесечина додава дека еден лекар е полесно повреден од шрапнел од проектилот и потсети дека „намерното таргетирање на медицинските тимови претставува сериозно прекршување на Женевските конвенции“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ