Во дискусијата на тема „Зошто е толку тешка борбата со корупцијата во мојата земја“, вицепремиерката Грковска, како што соопшти нејзиниот кабинет, се осврнала на бројните предизвици со кои се соочува Македонија на ова поле, како и на напорите и политиките кои се преземаат за јакнење на антикорупциските механизми.
„И покрај гласноста на одредени поединци, уверена сум дека не може да биде неуставно доколку некој сака да дефинира постапка, уредена во закон, за да може надлежните институции да постапуваат и да отворат предмети за лица кои се на црна листа во САД“, рекла Грковска.
Таа додаде дека како држава, не може да го игнорираме фактот и да не преземаме ништо кога САД, како наш најголем сојузник и партнер, санкционира лица заради вмешаност во корупција и организиран криминал во Македонија, рекла вицепремиерката коментирајќи ја нејзината иницијатива за измени на Законот за рестриктивни мерки во насока на проширување на основите за изрекување на мерките.
Грковска посочила дека е илустративен примерот со поранешниот премиер Никола Груевски, кој сѐ уште е бегалец од правдата, и кој исто така ги нападнал обидите за зајакнување на правните антикорупциски механизми наведувајќи дека го загрозуваат суверенитетот на државата.
„Токму тие кои го разбираат суверенитетот како поле за суверено ограбување на сопствениот народ се најголемиот проблем“, истакнала Грковска.
Во однос на ниската доверба во правосудниот систем, како најслаба алка во справувањето со корупцијата, вицепремиерката истакнала дека „ни требаат храбри луѓе и затоа, доколку некој не се чувствува доволно храбар и подготвен да се соочи со тој предизвик, да застане лице во лице со корупцијата, воопшто не треба да се пријавува во Академијата за судии и јавни обвинители“.
Во тој контекст, Грковска додала дека се потребни луѓе кои дејствуваат со интегритет, професионалност и одговорност на сите нивоа во општеството.
Експертот за надворешна политика, Едвард Џозеф, кој како познавач на состојбите на Балканот ја иницирал денешната дискусија, ја оценил како „ендемска“ корупцијата во Македонија и истакнал дека таа го попречува економскиот напредок на земјата и го дестабилизира политичкиот и општествениот живот, се наведува во соопштението од Кабинетот на Грковска.
Во рамки на работната посета на САД, Грковска, одржала средба и со Брус Шварц, заменик помошник на јавниот обвинител на САД.
Како што информира владината прес-служба, Шварц високо ја оценил улогата на вицепремиерката во борбата со корупцијата и го поздравил фактот што Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка веќе е во собраниска процедура. На средбата била договорена идна размена на добри пракси меѓу двете земји, затоа што во САД се применува конфискација без осудителна пресуда.
Двајцата соговорници се согласиле дека корупцијата е проблем кој е присутен секаде и дека нејзиното сузбивање не е едноставен процес. Во таа насока, вицепремиерката Грковска истакнала дека во оваа борба неопходно е сите надлежни институции да ја вршат својата функција одговорно и професионално, и дека медиумите, истражувачките новинари и граѓанските организации се партнери на институциите.
Грковска дополнила дека институциите од правосудството не смеат да ја користат својата независност за да креираат комфор зона и мора да постојат санкции и за судии и обвинители кои незаконски постапуваат.
На средбата станало збор и за „поддршката која Македонија ја добива од стратешките партнери, кои во континуитет инвестираат во јакнење на нашите капацитети во правосудниот систем, но дека мора да постојат видливи резултати, квалитетно сработени предмети и успешни конфискации“.