Мицотакис, лидер на конзервативната Нова демократија, во средата вечерта изјави дека дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација мора конечно да престане и дека хомосексуалните парови треба да ги имаат истите права и обврски како и хетеросексуалните брачни парови.
Мицотакис нагласи дека се работи за стапување во брак пред матична служба, а не во црква, која остро се противи на вакви бракови во Грција.
Тој додаде дека не сака темата да го подели грчкото општество и дека ги почитува оние кои имаат поинакво мислење, но дека тоа е прашање што е веќе легализирано кај огромното мнозинство членки на Европската унија.
Неговата најава секако ќе предизвика бура од негодувања, особено во црковните кругови, кои се многу влијателни во Грција. Сепак, иако Грчката православна црква е уставно официјална црква во земјата, таа нема моќ директно да влијае на одлуките на владата и парламентот.
Аналитичарите, сепак, очекуваат жестоки дискусии за правните аспекти на ваквата одлука.
„Дваесет земји во Европа веќе ги легализираа истополовите бракови. Ние не измислуваме топла вода“, изјави Мицотакис за државната телевизија ЕРТ.
Тој исто така рече дека со новиот закон ќе се прошират правата на хомосексуалните парови на родителството, дека тие ќе имаат право да посвојуваат, но нема да им се дозволи да имаат деца од сурогат мајки, или гестациски носители, пишува весникот „Екатимерини“.
Потенцирајќи дека предлог-законот на Владата се разликува од предлогот на опозициската левичарска партија Сириза, Мицотакис рече дека законот ќе гарантира дека децата од истополовите бракови ќе ги имаат истите права како и оние од хетеросексуалните.
„Концептот жените по желба да бидат претворени во машини за правење деца, или како што рече лидерот на опозицијата (Стефанос Каселакис) ‘сакам момче и не ми е гајле кој ќе го роди’, тоа нема се случи. Да бидам многу јасен, не правиме ништо со асистирана репродукција. Ништо не менуваме“, рече Мицотакис.
Грчкиот премиер првпат ги објави плановите за проширување на брачните права на истополовите парови во јули 2023 година. Грција ги легализираше граѓанските заедници на истополови двојки во 2015 година.
Во земјата, од 1946 година, Уставот го гарантира правото на мажи самци да посвојуваат деца.
На прашањето колку ќе трае јавната расправа за предлог-законот, Мицотакис одговори дека нема да биде долга и дека нема да биде потребна партиска дисциплина при гласањето.