вторник, 22 октомври 2024

Грчки министер: Европа мора да прими деца од Газа

Европа има должност да прими деца кои се повредени и трауматизирани од војната во Газа се додека трае конфликтот, изјави грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис за Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Герапетритис бара партнери за проект за привремено доведување на децата во Европската унија и рече дека оваа недела разговарал за идејата со палестинскиот премиер Мохамад Мустафа.

„Треба многу јасно да се соочиме со оваа трагедија. Европа треба да биде отворена за повредените луѓе од Газа, но и за децата на кои сега им се заканува глад и други видови опасности“, рече Герапетритис.

На почетокот на овој месец, Грција беше избрана за членка на Советот за безбедност на Обединетите нации за периодот помеѓу 2025 и 2026 година, а Герапетритис верува дека историските врски со арапскиот свет ѝ даваат на неговата земја кредибилитет да дејствува како мировен посредник.

56-годишниот, кој веќе една година ја извршува функцијата шеф на дипломатијата, не кажа колку луѓе ќе бидат примени во Грција или во Унијата, но рече дека за ова прашање се разговара со палестинските власти.

Тој нагласи дека иницијативата не е поврзана со редовните миграции, кои станаа политички чувствителни во Европа и на кои особено се противи се посилната десница.

„Ова е очигледен повик за хуманитарна помош. Овде не зборуваме за економски мигранти или други видови нерегуларна миграција“, рече тој повеќе од една недела откако екстремната десница победи на изборите за Европскиот парламент.

Грција го осуди нападот на 7 октомври врз Израел од страна на милитантите на Хамас, но го повика Израел да ја запре копнената и воздушната офанзива во Газа, каде што палестинските власти тврдат дека се убиени повеќе од 35.000 луѓе и се уништени цели градови.

Светската здравствена организација тврди дека многумина во Газа се изложени на ризик од глад и дека повеќе од 8.000 деца под пет години страдаат од акутна неухранетост. „Исто така, психолошкиот ефект на војната врз децата е огромен“, вели Герапетритис.

Герапетритис рече дека разговарал со палестинскиот и израелскиот премиер оваа недела за можните начини за постигнување мир и обнова на Газа.

„Не треба да чекаме војната да престане за да почнеме да разговараме за тоа. Тоа ќе биде огромен проект и треба да го развиеме што е можно поскоро“, рече тој.

Прекинот на огнот во Газа, исто така, ќе помогне да се намали бројот напади на проиранските Хути врз бродовите во Црвеното Море, кои му наштетија на грчкиот поморски сектор.

„Релативно сум оптимист дека, покрај примирјето што се надеваме дека ќе го постигнеме во многу блиска иднина, значително ќе се подобри и ситуацијата во Црвеното Море“, рече Герапетритис.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ