петок, 18 октомври 2024

Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ во Скопје се самоорганизираат, вечерва ќе се чистат улиците полни ѓубре

Објавено на

часот

Сподели

„Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ на општините во состав на град Скопје, гледајќи ја неспособноста на градските власти и Арсовска вечерва се самоорганизираат. Градоначалниците Тимчо Муцунски на Аеродром, Орце Ѓорѓиевски на Кисела Вода, Бобан Стефковски на Гази Баба, Александар Стојкоски на Ѓорче Петров и Дарко Костовски на Бутел ќе бидат на терен со општинските служби во чистење на Скопје“, се посочува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ. 

Со цел брзо и ефикасно чистење побарана е помош од повеќе општини од внатрешноста на државата, управувани од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, кои ќе испратат возила за собирање на ѓубре.

Градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски на својот фејсбук профил напиша дека побарал помош од градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов.

„Поради неодговорноста и лошото работење на градската администрација и јавното претпријатие „Комунална Хигиена“, неопходно е веднаш сами да го решаваме проблемот со натрупаниот смет во контејнерите на територијата на општина Аеродром. За нас, градоначалниците кои доаѓаме од редовите на ВМРО ДПМНЕ, најважна е грижата и здравјето на граѓаните, а меѓусебната поддршка и соработка е тоа што не прави поразлични од другите. На мое барање, Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов одобри испраќање на механизација и работници кои со поддршка на општинските капацитети, вечерва ќе спроведат акција за расчистување на натрупаниот смет од контејнерите. Благодарност до Иван и Општината Штип за поддршката и помошта. Ние, утре со своите расположливи капацитет продолжуваме да работиме на расчистување на сметот и контејнерите“,  напиша Муцунски.

А градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски на својот фејсбук напиша дека вечерва на терен со работници од општина Бутел и со помош на работници и комунални возила од општина Велес ќе се чисти ѓубрето од улиците „насобрано заради несовесното работење на Арсовска“.

„Поради несовесното работење на Град Скопје и ЈП Комунална Хигиена, во општината се насобра многу ѓубре на локации кои се надлежност токму на горе споменатите институции. Поради ваквата состојба, побарав помош и лично се обратив до мојот колега Марко Колев градоначалник на Општина Велес. Тој веднаш се одзва на моето барање и уште вечерва ќе испрати механизација и работна сила, која заедно со вработени од општина Бутел ќе спроведат голема акција за чистење на насобраното ѓубре. Граѓаните на општина Бутел не смеат да бидат заложници на нечие несовесно работење“, напиша Костовски.

Обраќање до граѓаните имаа и градоначалниците на Кисела Вода и на Гази Баба, Орце Ѓорѓиевски и Бобан Стефковски.

Како што и денеска на очиглед на целата јавност имав изјава поврзана со таложењето неколку дневно на отпадот во Кисела Вода, вечерва на мое задоволство и помош на моите колеги градоначалникот Стефче од Сопиште и Митко од Кавадарци започнавме со нивна помош, но и со наши помали камиончиња општински, со нашите служби да го собираме отпадот во Кисела Вода, напиша Ѓорѓиевски.

Сами се организираме со помош на нашите колеги, се со цел да не дозволиме нашата општина, но и Градот Скопје да тоне во смет, кога на очиглед на целата јавност некој што треба тоа да го работи е неспособен и нема начин како истото да го изведе. Не верувам дека ќе успееме целиот отпад да го собереме вечерва, но најударните, најфреквентните места ќе бидат опфатени. Добро сме организирани, нашите сезонски служби се исто така на терен, за што сакам да им заблагодарам од срце што и во недела како и останатите луѓе и служби кои се приклучија како од Кавадарци и Сопиште ќе работат до доцна во ноќта и ќе можеме да ги исчистиме најфреквентните места, а со помалите општински камиони ќе ги чистиме руралните средини како Драчево, Припор и Усје“, напиша на фејсбук Ѓорѓиевски.

А Стефковски пак напиша дека неспособноста на менаџментот на институциите на градот Скопје повторно излезе на виделина.

Недостатокот на соодветно менаџирање на институциите под надлежност на град Скопје доведоа во состојба граѓаните во нашите општини да се соочат со проблем и не собирање на сметот од страна на ЈП Комунална хигиена иако сите ние како граѓани им плаќаме месечна такса.

„Имајќи го предвид наведеното, остварив телефонска комуникација со градоначалниците на општините Илинден и Петровец, Александар Георгиевски и Борче Митевски со кои се договоривме да испратат камиони за собирање на сметот од контејнерите во општина Гази Баба. Ја мобилизирав дел од администрацијата и целото ЈКП Гази Баба и во текот на вечерта ќе се превземат теренски активности за подигање на сметот. Граѓаните пред и над се!“, напиша Стефковски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ