четврток, 31 октомври 2024

Град Скопје обезбеди термос инсулински торбички со фреон за 300 дечиња

Град Скопје обезбеди термос инсулински торбички со фреон за 300 дечиња со дијабет тип 1, кои го олеснуваат складирањето и чување на инсулинот кој го користат на константна температура.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информира Град Скопје, градоначалничката Данела Арсовска заедно со Катерина Јовановска, член на Комисијата за унапредување на правата на пациентите и член на Советот на Град Скопје и претставници на Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија Баланс МК и Сојузот на дијабетичари на Македонија симболично ги доделија термос инсулинските торбички.

Пред присутните во просториите на Град Скопје се обратија и д-р Александра Јанчевска, раководител на Одделот за ендокринологија при Клиниката за детски болести, Наташа Д. Димитриевска, претседател на Баланс Мк, Татјана Јордева, секретар на СЗДМ.

Втората група на торбички, како што се наведува, ќе се дистрибуираат преку Клиниката за детски болести до крајните корисници.

„Подаваме рака на сите наши сограѓани кои се соочуваат со здравствени предизвици и правиме се во рамки на нашите можности да им го олесниме животот и секојдневното функционирање. Особено се грижиме за нашите најмлади, за децата, за да им го направиме детството што посигурно и побезгрижно. Токму тоа е целта на овој проект, да го олесниме животот на децата со дијабет, кои инсулинот соодветно ќе можат да го складираат во термос инсулинска торбичка со фреон“, се вели во соопштението.

Градските власти соопштија дека иницијативата за набавка на термос инсулинските торби со фреон за деца до 18 години со дијагноза дијабет тип 1 покрената од Комисијата за унапредување на правата на пациентите на Град Скопје, се реализира како заедничка активност со Комисијата за социјална, детска и здравствена заштита при Советот на Град Скопје, како дел на Програмата за активности од областа на социјалната, детската и здравствената заштита на Град Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ