вторник, 22 октомври 2024

Гоу грин бара велосипедите и лицата со посебни потреби да бидат вклучени при планирањето на железнички превоз во Скопје

Од Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина Гоу Грин денеска соопштија дека ја поздравуваат идејата за воспоставување на градски железнички превоз во Скопје, посочувајќи дека треба да се земат в предвид и велосипедистите и лицата со посебни потреби.

Објавено на

часот

Сподели

„Железничкиот градски превоз е докажано еколошко транспортно решение во борбата против климатските промени. Преку него се намалува зависноста од приватните автомобили, потребата од широки булевари и огромни паркинзи, нуди сигурен и доверлив висококапацитативен транпорт на луѓе низ градот, но и неговите крајни дестинации и предградија“, велат од здружението.

Како што посочуваат, во интерес на борбата против климатските промени се надеваат оти во најавената физибилити студија од страна на министерот за транспорт и врски, Александар Николоски ќе бидат земени предвид сите типови на патници, како што се прави во развиените европски и светски градови.

„Бидејќи е најавено дека ќе се проверат и самите железнички станици и ќе се направи анализа дали треба да се направат нови, сметаме дека треба да се провери и пристапноста на самите станици. Во Скопје има голем број на лица кои се движат со помош на колички (инвалидски, бебешки) и круцијално е да им се понуди безбеден пристап во возовите“, велат во соопштението.

Дополнително, потенцираат, од огромна важност е да се овозможи мултимодален транспорт (транспорт на велоспеди во возовите) и да се размислува за интермодален транспорт (можност за изнајмување на велосипеди на железничките станици, поврзаност со автобускиот транспорт/БРТ преку делење постојки, парк и рајд систем).

Овие решенија, како што велат, им овозможуваат на патниците кои живеат над пет километри од крајната дестинација да се движат со воз до најблиската станица и потоа со велосипед до крајната дестинација.

„Преку овие решенија огромен број од граѓаните ќе имаат можности да се движат безбедно и брзо низ градот, а со тоа да се намали потребата од автомобили и асфалт. За оваа цел Гоу грин им стои на располагање на Министерството за транспорт и врски за понатамошна соработка и смета дека граѓанскиот сектор мора да биде вклучен во сите наредни чекори“, соопштија од здружението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ