сабота, 13 јули 2024

Голден Арт се засили со Тоше Ончев

Објавено на

часот

Сподели

По крајот на сезоната Голден Арт најпрво се ослободи од четворица свои ракометари и потпиша нови договори со четворица од играчите, а сега почна да носи и нови засилување.

Прв кој пристигна во Голден Арт е Тоше Ончев кој стави потпис на двегодишен договор.

„Сакам да се заблагодарам за довербата од страна на клубот и можноста да се напредува индивидуално и како колектив, во клуб кој е воден од одлична група на професионалци но и големи ентузијасти. Среќен сум што ќе бидам дел од екипа составена од млади македонски ракометари, колектив кој е препознатлив по добра работна атмосфера и во кој може да се напредува на техничко тактички план. Возраста на играчите и структурата дава за право да размислуваме дека со добра работа, сериозна конкуренција, давајќи се од себе ќе имаме можност да постигнеме добри резултати, одејќи чекор напред во однос на минатата година. РК Голден Арт го одбрав како клуб кој е препознатлив по тоа што овозможува добри услови за напредок на младите играчи и сигурен сум дека од година во година клубот ќе расте и ќе се развива на повисоко ниво“, изјави Тоше Ончев при потпишување на договорот.

26-годишниот Ончев, како роден Велешанец, своите први ракометни чекори ги направи во родниот град, за потоа преку скопски Вардар, каде се задржа осум години, да го направи своето деби како интернационалец, во втората по квалитет лига во Франција. Од Франција заминува во Грција, за после една година да се врати во домашниот шампионат, каде настапува за тимот на Работнички. Во сезоната 2021/22 заминува во Тримо од Требње, во Словенија, каде одигра одлична сезона, за минатата натпреварувачка сезона да ја стартува во амбициозниот Охрид, каде поради сериозна повреда на коленото, предвреме ја заврши сезоната.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ