Ѓорѓиевски ја обвини Арсовска дека ги исклучува општините од процесот на изработка на буџетот, барајќи таа да „престане да се крие“ и да ги внесе приоритетите на скопските општини. Арсовска возврати со остар допис, критикувајќи го неговото знаење и компетентност.
„Навистина е тажно да се читаат ‘соопштенијата’ на градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, кои изобилуваат со небулози и докази на функционална неписменост,“ стои во реакцијата на Арсовска. Таа тврди дека предлог-буџетот на Град Скопје е веќе доставен до Советот на Град Скопје во законски утврдениот рок и дека обвинувањата на Ѓорѓиевски се неосновани.
Според Арсовска, проблемот со меѓуопштинската соработка лежи во постапките на советниците од ВМРО-ДПМНЕ.
„Советниците на ВМРО-ДПМНЕ или не знаат да читаат, па по навика гласаат против на седниците на Советот на Град Скопје, или намерно ги блокираат меѓуопштинските проекти и соработка на градоначалниците од своите партиски редови,“ изјави таа.
Градоначалничката на Град Скопје упати и личен предизвик кон Ѓорѓиевски, нудејќи му јавна дебата за споредба на реализираните проекти.
„Бидејќи неговиот шеф Мицкоски одбива телевизиска дебата, му предлагам на Орце Ѓорѓиевски во термин и место кое нему му одговара да ги соочиме реализираните проекти од неговата програма. Ќе биде евидентно дека, и покрај целосната поддршка која ја има во Советот на Кисела Вода, сепак нема реализирано што ветил пред граѓаните. Вистината е непријатна за ВМРО-ДПМНЕ,“ стои во дописот на Арсовска.