Ѓорѓиевски во синоќешното гостување на ТВ Канал 5 посочи дека важно е секој градоначалник да има слух за граѓаните и да постои механизам со кој ќе може да се отповика градоначалник доколку не ја извршува својата должност за која е избран.
„Јас сум градоначалник и поаѓам од себе. Не може единствено во нашата држава градоначалникот да биде незаменлив. Да го изберат граѓаните и четири години, дали дал резултати или не, дали постапувал согласно програма или надвор од тоа никој да не може да постапи против него“, дециден беше Ѓорѓиевски.
Тој дополни дека веќе е време граѓаните да се највисок суверен. Ја истакна нивната важност и потребата да се слушнат нивните предизвици и истите да се решат.
„Ние треба да го промениме тоа. Нашата тенденција треба да биде се да почнува и да завршува со највисокиот суверен, а тоа е народот. Никакви преговори, договори“, заклучи Ѓорѓиевски.
Зборувајќи за работата како градоначалник во скопската општина Кисела Вода, тој рече дека реализирал капитален проект во Стаклара-Каменик и оти после 50 години обезбедена е питка вода за пиење за граѓаните, но истовремено и фекална канализација.
„Тоа значи дека пред мене, 30 години во независна Македонија градоначалниците не сметале дека тоа е приоритет, замислете во 21 век и такви примери имаме насекаде низ државата“, потенцираше Ѓорѓиевски.
Според него во Кисела Вода има висок степен на реализација од ветеното пред граѓаните.