сабота, 19 октомври 2024

Германија го стега ременот – владата усвои програма за штедење

Сојузната германска влада постигна договор за дополнителни мерки за штедење за да се намали товарот на сојузниот буџет за 2024 година. Во нацрт законот за финансирање на буџетот го има, меѓу другото, и контроверзното намалување на субвенциите за дизел за земјоделците, поголеми такси за воздушниот сообраќај и построги санкции во областа на социјалната помош за невработените.

ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тие мерки за штедење се неопходни бидејќи, според претходна пресуда на сојузниот уставен суд, владата мора да надомести околу 30 милијарди евра во основниот буџет, како и во Фондот за клима и трансформација.

И покрај протестите, се укинуваат субвенциите за дизел на земјоделците

Од мај така ќе бидат зголемени таксите на авионските билети. Во зависност од крајната дестинација на патувањето, тие би требало да пораснат за речиси петтина – на 15,53 до 70,83 евра по патник. Таксата на билетите ќе им се наплаќа на сите патници кои полетуваат од германските аеродроми. Доплатата ќе мора да ја платат авиокомпаниите, но тие тоа ќе можат да го префрлат на товар на патниците. Врз основа на тоа владата во Берлин годинава очекува дополнителен приход од околу 400 милиони евра.

Владата ја задржа и одлуката за многу контроверзното намалување на субвенциите во земјоделието – и тоа и покрај протестите на земјоделците. Станува збор за постепено укинување на даночните олеснувања за дизелот. „Тоа е посебен придонес на намалувањето на субвенциите кои ѝ штетат на климата“, се наведува во нацртот на владата. Земјоделците досега можеа да добијат делумен поврат на данокот на енергија за дизел, со надомест од 21,48 центи по литар.

Владејачката германска коалиција всушност првично планираше веднаш и целосно да ја укине таа помош, која се даваше од 1951 година. Погодените земјоделци и фирми во земјоделието сега сепак добија повеќе време да се прилагодат. Оваа година стапката на олеснувањата ќе биде намалена за 40 отсто, а во 2025 и 2026 за дополнителни 30 отсто. Од 2026 тие субвенции повеќе не би требало да ги има. Владејачката коалиција минатата недела се откажа од првично планираното укинување на ослободувањето од тие даноци на земјоделските машини.

Затегнување на парите на граѓаните

Владата даде и зелено светло за планираното намалување на социјалната помош за невработените – „Bürgergeld“. Бирото за вработување во иднина ќе може целосно, но најмногу на два месеци, да ги укине бенефициите на оние невработени кои упорно одбиваат да почнат да работат.

Се очекува тој указ да донесе заштеда од околу 170 милиони евра годишно, и тоа 150 милиони евра за сојузната влада и 20 милиони евра за општините. Притоа не треба да биде укината помошта која се дава за станување и греење.

Покрај тоа, се укинува бонусот на социјална помош од 75 евра месечно воведен за понатамошно усовршување на невработените, но кој нема за цел стекнување стручна диплома. Се очекува тоа да донесе дополнителна заштеда од сто милиони евра. Обуката која има цел стекнување стручна диплома и понатаму ќе се поддржува со 150 евра месечно.

Одлуката за буџетот веројатно во јануари

Откако владата донесе одлука за мерките за штедење, на потег е германскиот парламент. Владата очекува буџетот најпрво да биде одобрен во јануари во Бундестагот, а потоа на 2 февруари и во Бундесратот, советот на германските покраини. До тогаш на сила е таканаречено привремено управување со буџетот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ