среда, 30 октомври 2024
Седница на ДКСК

Генералниот секретаријат на Владата ги прекршила правилата за набавка на софтверски лиценци за 22 свои институции

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната седница ја разгледа анализата за спроведена јавната набавка на софтверски лиценци за потребите на 22 институции од Генералниот секретаријат на Владата, без да направи соодветна анализа на пазарот и донесе одлука целосното истражување и докази да се достави до Јавното обвинителство на надлежно постапување во делот на прекршување на јавната набавка и трошење на буџетски средства.

Објавено на

часот

Сподели

Одлуката извештајот да се достави до Јавното обвинителство (ЈО) ДКСК го донесе со шест гласа за и еден против.

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, посочи дека предметот е оформен по пријава од непознат подносител од 7 август 2023 година и се однесува на законитоста на спроведување на постапката за јавна набавка на софтверски лиценци за 22 институции од страна на Генералниот секретаријат на Владата.

„Во однос на утврдување на проценетата вредност на постапката и вредност на доделен договор за јавна набавка и истражување на пазарот утврдено е дека не е испочитуван членот 76 од Законот за јавни набавки според кој договорниот орган може по донесување на одлуката за јавна набавка, а пред објавување на огласот за јавна набавка договорниот орган да спроведе технички дијалог со економските оператори“, изјави Ивановска.

Од извршената анализа на податоците коишто се јавно достапни на ЕСЈН системот, рече Ивановска, е констатирано и дека Генералниот секретаријат нема спроведена претходна проверка на пазарот за потребите на оваа набавка, односно не објавил оглас за спроведување на технички дијалог.

„Иако претходната проверка на пазарот не е задолжителна, доколку се земе предвид сложеноста и вредноста на предметот на набавката произлегува дека е добро и пожелно да се преземат активности од овој вид со цел да се обезбеди конкуренција и соодветен квалитет на предметот на набавката во однос на неговата намена и вредност“, рече Ивановска.

Понатаму, во однос на проценување на потребните количини за потребите на набавката во прилог на предметот од Генералниот секретаријат ДКСК добила анализа на потребата за обнова на софтверски лиценци и сервиси изработена во април 2023 година во која се наведува дека е направено истражување за проценка на реалните потреби на институциите за чии потреби ќе се врши набавката на лиценци.

„Во рамки на анализата не се приложени записници од одржани состаноци со институциите ниту пак е приложена каква било форма на писмен доказ дека институциите се сложуваат и ги потврдуваат дефинираните потреби за набавка со што се создава ризик од набавка на софтверски лиценци за коишто не е утврдена потреба. Дополнително ДКСК се обрати до институциите на кои им биле распределени лиценците и од добиените договори констатиравме дека во некои институции има доделено помалку лиценци од потребните, во некои институции има повеќе од потребните доделено, некои институции не биле консултирани за потребата, а некои одговорија дека техничката спецификација во фазата на подготовка, односно пред објавување на тендерот ја доставиле до Генералниот секретаријат и фирмата која всушност го добила тендерот“, појасни Ивановска.

Оттука, нагласи таа, заклучокот е дека нецелосно и непотврдено преземање на активности за проценка на вредноста на набавката и истражување на пазарот влијае да не се почитува во целост начелото на економичност, ефикасност и ефективност на користењето на јавните средства во постапките за јавни набавки кое е утврдено во членот 4 од Законот за јавни набавки. – Непочитувањето на ова начело создава ризик дека проценетата вредност на постапката за јавна набавка не е усогласена со пазарните услови и цени што, пак, понатаму има влијание на рационалното користење на буџетските средства, нагласи Ивановска.

Учеството на економскиот оператор што го добил тендерот во подготовка на тендерската спецификација, исто така, посочи Ивановска, е спротивно на членот 36 од Законот за јавни набавки согласно кој лицата што учествуваат во изработка на техничката спецификација не смеат да учествуваат на тендерот со што всушност треба да се обезбеди заштита на интегритетот на набавката. Значи, строго е забрането да не учествуваат во фазата на подготовка.

„Од наведеното може да се заклучи дека договорниот орган пред отпочнување на постапката за јавна набавка бил во комуникација со економскиот оператор чија понуда е избрана за најповолна и со кого е склучен договор за јавни набавки. Со тоа економскиот оператор да се стекне со предност пред другите економски оператори дотолку повеќе што на ЕСЈН не постојат докази дека договорниот орган на транспарентен и законски начин организирал технички дијалог во фазата на подготовка на тендерската документација и техничката спецификација. Поради тоа, не е испочитувано начелото на еднаков третман и недискриминација на економските оператори предвидено со членот 7 од Законот за јавни набавки“, нагласи Ивановска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ