вторник, 22 октомври 2024

Гаши: Грција нѐ поддржува како резултат на Преспанскиот договор

Македонија има искрен пријател во Грција и тоа е пораката што ја носам од целото лидерство на Грција – дека ние сме пријатели, соседи, сојузници, партнери во НАТО, а еден ден ќе бидеме и партнери и во ЕУ, рече денеска заменик шефицата на грчката дипломатија, Александра Пападопулу на средбата со претседателот н македонското Собрание, Африм Гаши.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопшти собраниската прес служба, на средбата биле разменети мислења за јакнење на соработката и дијалогот меѓу двете земји на сите полиња, како и за понатамошниот процес на пристапување на земјава во Европската Унија.

Гаши ѝ се заблагодарил на Пападопулу за „поддршката од Грција за процесот на евроинтеграција на земјава, по зачленувањето во НАТО, што е резултат на постигнувањето на Преспанскиот договор“.

Пападопулу му го честитала на претседателот Гаши изборот на функцијата, при што порачала дека Македонија има искрен пријател во Грција.

„Тоа е пораката што ви ја носам од целото лидерство на Грција – дека ние сме пријатели, соседи, сојузници, партнери во НАТО, а еден ден ќе бидеме и партнери и во ЕУ“, рекла Пападопулу.

Претседателот Гаши заклучил дека двете земји се на мошне добар пат во унапредувањето на билатералните односи, со оглед на интензивната соработка и комуникација меѓу граѓаните, во делот на економијата и туризмот,со потенцијали за интензивирање во патната инфраструктура, енергетиката, образованието, културата и во сите други области од заеднички интерес.

Соговорниците се осврнале и на соработката на ниво на парламенти, при што претседателот Гаши покажал интерес за организирање официјални посети и истовремено ја информирал заменик-министерката Пападопулу дека во македонското Собрание во секој нов мандат се формираат пратенички групи за соработка меѓу двете земји.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ