понеделник, 24 февруари 2025

Гаши до Апасиев: Надзорната расправа за аерозагадувањето ќе се одржи во Комисијата за здравство

Надзорната расправа за ефектите од аерозагадувањето ќе се одржи во Комисијата за здравство. На претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот Димитар Апасиев му е укажано дека веќе закажаната расправа, согласно заклучокот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања не може да продолжи под тие околности, информираат за МИА од Кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши.

Објавено на

часот

Сподели

„Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања го разгледа предметот за надзорната расправа на Постојаната анкетна комисија за заштита на слoбодите и правата на граѓанинот на тема ‘Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје’ закажана за 25 февруари и на 17 февруари заклучи дека не се почитувани процедуралните правила. Следствено, на 19 февруари, претседателот го информираше г. Апасиев дека закажаната расправа не може да продолжи под тие околности. Надзорната расправа на која ќе се расправа за ефектите од аерозагадувањето ќе се одржи во Комисијата за здравство“, соопштија за МИА од Кабинетот на Гаши.

Собраниската Комисија за здравство денеска веќе ги почна подготовките за надзорната расправа за ефектите од аерозагадувањето. Договорено е в петок (28 февруари) Комисијата да ја има првата седница на која пратениците, членови на ова собраниско тело ќе расправаат за надзорната расправа за ефектите од аерозагадувањето, а до понеделник (3 март) ќе треба да достават предлог листи со учесници на надзорната расправа.

Според динамиката и договорот на денешната координација со претседателката на Комисијата за здравство Рашела Мизрахи на која присуствуале претставници од сите пратенички групи, надзорната расправа за аерозагадувањето треба да почне на 21 март.

Мизрахи во изјава за МИА вели дека во петок на седница членовите на Комисијата за здравство ќе се договорат како ќе се реализира оваа расправа, а откако ќе и бидат доставени листите со предлози за учесници, ќе се направи единствена листа и ќе бидат испратени поканите.

Претпладнево од собраниската служба за информирање стаса и најава за веќе закажаната надзорна расправа за аерозагадувањето од страна на претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот Димитар Апасиев, иако согласно заклучоците на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања дека не се почитувани процедуралчните правила, претседателот на Собранието Гаши го информирал Апасиев дека закажаната расправа не може да продолжи под тие околности.

Од пратеничката група на Левица за попладне најавуваат координација по која, како што информираат за МИА, ќе излезат со детали за одржувањето на надзорната расправа закажана за утре, 25 февруари.

„Ние сме на став дека надзорната расправа ќе се одржи. Веќе има десетина поканети кои го потврдија присуството. Но, попладне ќе имаме координација и ќе има повеќе информации“, велат од пратеничката група.

Апасиев ја закажа надзорната расправа за ефектите од аерозагадувањето со потписи од 20 пратеници од опозицијата, но владејачкото мнозинство реагираше на процесот на организирање на расправата, но и на фактот дека барањето за надзорна расправа не треба само да се проследи до пратеници, туку дека претседателот на Собранието одлучува кое собраниско тело ќе ја организира.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ