четврток, 25 јули 2024
Демант до МНР

Фрчкоски: Лагите на МНР 

Не е никаков проблем да се повлечам од функцијата кога не сум „погоден“ на идеологијата на новите власти. И тоа сум попдготвен да го направам. Но, моментално сум на боледување по кое ќе се повлечам од функцијата, за што МНР нема потреба да измеќарува, се вели во демантот на Љубомир Фрчкоски, амбасадор на Македонија во Постојаната мисија во ООН Њујорк, кој сите обвинувања од МНР за неговото работење ги нарече лаги.

Објавено на

часот

Сподели

Фрчкоски својот демант кој го пренесуваме во целост.

„Во медиумите низ Македонија деновиве се шират лаги за финансиското работење на Постојаната мисија на Република Северна Македонија при ООН во Њујорк и за амбасадорот, професорот Љубомир Фрчкоски, со поднаслов „од извори на МНР“. Клучниот дел од тие лаги поранешниот министер, Бујар Османи, ги демантираше јавно нарекувајќи ги токму така „лаги“, а се однесуваа на добиените пари за сукцесија на објектот на поранешната СФРЈ во Њујорк.

Да потсетиме, конструкциите се однесуваа на тврдењата дека „амбасадорот со тогашниот премиер прави матни зделки со тие пари и не ги внесува во буџетот каде законски припаѓаат“.

За тие тврдења кои сега, независно од аргументираниот демант од Бујар Османи, повторно се јавуваат, Мисијата ги објавува следните документи (јавни исправи) од уплати на тие пари од сукцесијата во Буџетот во три наврати. Со ова  целосно се демантираат тврдењата на МНР (да биде состојбата за службите таму потрагична, тие кои сега се нудат да „им учинат на новите власти“ овие документи на време ги имаат на увид и во посед).

Службите во МНР не ѝ доставуваат на мисијата соодветни средства за лекарско осигурување на вработените со што се крши законската обврска тоа безусловно да се обезбеди (на основа на погрешно направен тендер на вработена во мисијата која сега е во кабинетот на министерот), а чие необезбедување повлекува кривична одговорност. Мисијата чува некои минимални средства на државната, своја сметка во случај МНР да не обезбеди средства, а законската обврска принудува тие да ѝ се платат на здравствената компанија во САД. И тоа е сè. И тоа е јасно и транспарентно.

Срамна и мизерна е забелешката на службите во МНР дека амбасадорот злоупотребил службена картичка за авионски карти кон Македонија. Амбасадорот имаше итна медицинска интервенција во Македонија и беше на погребот на својот починат брат – ненадејни настани кои го примораа привремено да искористи пари од мисијата за авио билет, кои секако деновиве ги надомести од свои приватни средства.

Што повеќе да се каже?

Не е никаков проблем амбасадорот да се повлече од функцијата кога не е „погоден“ на идеологијата на новите власти. И тоа е спремен да го направи. Амбасадорот, потврдува мисијата, моментално е на боледување по кое ќе се повлече од функцијата, за што МНР нема потреба да измеќарува.

Но начинот кој МНР го бира за таа операција на отстранување на амбасадорот, со конструкција на валканици во финансиското работење, наспроти толку претходни и сегашни деманти е срамен, заслужува секаква осуда и покажува неприфатливо ниво на комуникација во јавноста.

Најпосле, мисијата го повикува МНР кој има инструменти, да испрати ревизија во мисијата која ќе ја утврди состојбата во целокупното работење на истата.

На крајот посебна трагедија во МНР е фактот што со ниту еден единствен збор не посочија на резултатите на Мисијата на Северна Македонија во ОН овие двеипол години. Во извештаите ги имаа сите факти, проекти и настапи. Исклучително значајни резултати. Но, за тоа во некои подобри времиња“, се вели во демантот Љубомир Фрчкоски, амбасадор на Постојаната мисија на Република Северна Македонија во ООН во Њујорк.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ