понеделник, 21 октомври 2024

Францускиот уставен суд отфрли големи делови од контроверзниот закон за имиграција

Повеќе од третина од членовите во контроверзниот закон за имиграција мора да бидат отфрлени, соопшти Уставниот суд на Франција.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Уставниот суд, органот кој ја потврдува уставноста на законите, ги отфрли мерките во нацрт-законот кои бараат построг пристап до социјалните бенефиции, обединување на семејствата и воведување на имиграциски квоти одредени од парламентот.

Тој поддржа голем дел од нацрт-законот првично претставен од владата на претседателот Емануел Макрон, но ги критикуваше контроверзните додатоци направени под притисок на десницата и екстремната десница.

Предлог-законот вклучува миграциски квоти, пречки за обединување на семејствата и одложување на пристапот на мигрантите до социјална помош, како и членови со кои се прекинува автоматското државјанство при раѓањето и се олеснува депортацијата на нефранцуските државјани.

Министерот за внатрешни работи Џералд Дарманин ја поздрави пресудата, велејќи дека таа ги потврдува првичните предлози на владата.

„Никогаш еден текст не обезбедил толку многу средства за протерување на деликвенти“, напиша тој на Икс.

„Владата прими до знаење, како што можев да укажам во текот на дискусиите, цензура на бројни членови додадени во Парламентот поради непочитување на парламентарната процедура“, напиша Дарманин.

Џордан Бардела, претседател на екстремно десничарската партија Национален собир, ја критикуваше пресудата, која ја опиша како „државен удар од судиите, со поддршка на претседателот“.

Тој повика на референдум за имиграцијата како „единствено решение“.

Судот отфрли 32 од 86 амандмани бидејќи не се поврзани со предметот на законот. Но, тие би можеле да бидат прифатени подоцна како дел од друг закон.

Судот, исто така, критикуваше три други амандмани делумно или целосно за нивната содржина и делумно го отфрли поставувањето на имиграциски квоти од страна на парламентот.

Претходно оваа недела, специјалниот известувач на Обединетите нации за расизам рече дека предлог-законот ја крши француската уставна обврска за еднаквост и слобода.

„Кога го гледаме францускиот устав или начинот на кој зборуваат шефот на државата или многумина на моќни позиции, тоа е еднаквост, но тоа е во целосна спротивност со овие политики“, изјави за Ројтерс Ашвини КП, специјален известувач на ОН за современите форми на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и нетолеранција.

Ашвини, исто така, изрази загриженост за предложените ограничувања на социјалната помош за мигрантите и рече дека тоа во голема мера „ќе влијае на маргинализираните заедници“.

Макрон го направи законот клучен елемент на својот втор мандат и го бранеше неговото усвојување во парламентот.

Но, претседателот се соочи со критики во врска со нацрт-законот, кој доби поддршка од екстремно десничарската партија Национален собир.

Макрон го упати законот до Уставниот суд на Франција на проверка дали е во согласност со Уставот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ