сабота, 19 октомври 2024

Француски сенатори бараат од Макрон да објасни зошто Африка е изгубена

Објавено на

часот

Сподели

„Денес вчерашната француска Африка се претвора воено во руска Африка, економски во кинеска Африка и дипломатски во американска Африка“, се наведува во отвореното писмо на 92 француски сенатори до претседателот Емануел Макрон, објавено во весникот „Фигаро“.

Француските сенатори истакнуваат дека неуспесите на Париз во Африка на воено, политичко и културно ниво доведоа не само до раст на антифранцуските чувства на континентот, туку и до раст на влијанието на Русија, Кина и САД.

Тие посочуваат дека по неуспехот на француската операција Баркан доаѓаат и други паравоени формации кои се подготвени да соработуваат со лидерите на обединување на населението против поранешната колонијална сила.

„Африка, пријателски континент, се чини дека престана да ја разбира Франција и сè повеќе ја оспорува нејзината улога и присуство“, се наведува во писмото и се повикува францускиот претседател Макрон да заземе јасен став по ова прашање.

Емануел Макрон сѐ уште официјално не одговорил на писмото, но на зборовите за воениот неуспех реагираше министерот на вооружените сили Себастиен Лекорну, кој рече дека операцијата „Баркан не била неуспех“.

Франција ја започна операцијата Баркан во август 2014 година за борба против исламистичките групи во Мали, Буркина Фасо, Мавританија, Нигер и Чад. Тоа беше продолжение на операцијата „Сервал“ која беше спроведена во Мали од 2013 до 2014 година.

Лекорну нагласи дека француските војници „спасуваат илјадници животи и ги штитат француските граѓани соочувајќи се со терористичките групи во овој дел на Африка“.

Според податоците на Министерството на вооружените сили, во операцијата Баркан учествувале повеќе од 5.000 луѓе, додека француските загуби за време на двете операции изнесуваат 58 војници.

На крајот на 2021 година, владата на Мали, каде што беа концентрирани главните сили на францускиот ограничен контингент, побара Париз што поскоро да ги повлече од таа африканска земја.

Овој услов беше исполнет во август 2022 година, кога најголемиот дел од војската беше префрлен во соседен Нигер, каде што беше извршен воен удар на 26 јули 2023 година. Новите власти во Нигер сега бараат повлекување на француските војници од оваа африканска земја во наредниот месец.

Во главниот град на Нигер има голема француска воздушна база со околу 1.500 војници.

Покрај француските, на територијата на Нигер се распоредени и воени единици од Германија, Италија и САД.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ