Франција повторно ги осуди нападите на Хутите врз трговските бродови во Црвено Море, повикувајќи ги веднаш да престанат по нападите што САД и Велика Британија ги почнаа врз воени цели на Хутите во Јемен, јавува Ројтерс.
„Преку овие вооружени акции, Хутите носат исклучително сериозна одговорност за ескалацијата во регионот“, се вели во соопштението на француското Министерство за надворешни работи.
Германија
Германското Министерство за надворешни работи соопшти дека американско-британските напади имале цел да спречат понатамошни напади од Хутите.
„Нашата цел останува да ги деескалираме тензиите и да ја вратиме стабилноста во Црвено Море“, објави Министерството на Икс.
Холандија
„Американско-британската акција се заснова на правото на самоодбрана, има цел да го заштити слободниот премин и е фокусирана на деескалација. Холандија, со својата долга историја како морска земја, му придава големо значење на правото на слободен премин и ја поддржува оваа таргетирана операција“, рече премиерот Марк Руте.
Данска
Данска целосно ги поддржува американските и британските напади, се вели во изјавата на данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен.
САД
Лидерот на републиканците во американскиот Сенат, Мич Меконел, ги поздрави операциите на коалицијата предводена од САД против „терористите Хути поддржани од Иран одговорни за насилно нарушување на меѓународната трговија во Црвено Море и за напад врз американски бродови“.
„Одлуката на претседателот Бајден да употреби воена сила против овие ирански полномошници е и задоцнета. Се надевам дека овие операции означуваат трајна промена во пристапот на администрацијата на Бајден кон Иран и неговите полномошници“, рече тој.
Демократскиот член на американскиот Претставнички дом Ро Кана рече дека претседателот Џо Бајден „треба да дојде во Конгресот пред да почне напад против Хутите во Јемен и да нѐ вклучи во уште еден конфликт на Блискиот Исток“.
„Тоа е Членот 1 од Уставот. Јас ќе се залагам за тоа без разлика дали во Белата куќа е демократ или републиканец“.
Демократскиот член на Претставничкиот дом Вал Хојл нагласи дека „воздушните напади не се одобрени од Конгресот“.
„Уставот е јасен – Конгресот го има единственото овластување да одобри воено вклучување во прекуокеански конфликти. Секој претседател мора прво да дојде во Конгресот и да побара воено овластување, без оглед од која партија е“.