понеделник, 16 септември 2024

Францускиот претседател и премиер сега зависат од десничарката Ле Пен, според опозицијата и аналитичарите

Иако крајно десната партија Национален собир на Марин ле Пен заврши трета на парламентарните избори ова лето, два месеци подоцна судбината на новата влада предводена од премиерот Мишел Барние зависи од неа, предупредува опозицијата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот Емануел Макрон вчера го именуваше за премиер поранешниот преговарач за брегзитот Мишел Барние.

Барние стана претседател на владата по еднонеделна потрага по кандидат, по предвремените избори кои Макрон ги распиша, а резултираа со поделен парламент.

Судбината на Барние и Макрон сега зависи од Националниот собир (РН), сметаат опозициските лидери и аналитичарите.

„Денес имаме премиер кој целосно зависи од РН“, кажа Луси Кастетс, кандидатка на левицата за премиерка која Макрон одби да ја именува.

„Правејќи го тоа претседателот се доведе до кохабитација со РН“, истакна таа, мислејќи на реткиот политички феномен во кој француски претседатели владеат со премиери од ривалска партија.

Макрон со недели бараше кандидат за премиер, некој кој би можел долго да остане на таа функција и да ги задржи неговите политички одлуки.

РН му даде поддршка на Берние со задршка, порачувајќи дека ќе ја повлече ако емиграциската, безбедносната и финансиската политика не бидат прифатливи.

„Го задржуваме правото на користење на сите политички средства ако тоа не се случи во следните недели“, кажа вчера претседателот на партијата Национален собир Жордан Бардела.

Лидерката на француските зелени Марин Тонделие смета дека Макрон на Ле Пен ѝ ја дал моќта на Јулиј Цезар кој одлучува за судбината на гладијаторите давајќи палец нагоре или надоле за премиерот.

„Се бара нејзино одобрување“, кажа таа.

Лидерот на социјалистите Оливие Фауре кажа дека Барние ќе биде целосно свесен дека неговата судбина е во рацете на Ле Пен.

Истакна дека никој од неговата партија нема да се придружи на владата и дека екстремната десница сега ја води играта во француската политика.

Пратеникот на РН Лорен Жакобели го намали влијанието на неговата партија на новата влада.

„Јасно е дека сме во опозиција. Никому не даваме зелено светло“, кажа тој за Франс 2.

„Нема да бидеме политичка сила која ја води Франција во ѕид системски не противејќи се на сè и создавајќи хаос“.

Вниманието сега е насочено на одлуката на Барние за именувања во новата влада.

Левицата за утре најави голем протест.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ