вторник, 22 октомври 2024

Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ ги награди најдобрите раскажувачи од основните училишта

Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ и годинава ги собра најдобрите раскажувачи од основните училишта во земјава на супер-финалниот натпревар кој, вчера се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје. На натпреварот во раскажување приказни учествуваа ученици во две категории – од 3 до 5 одделение и од 6 до 9 одделение. Секој пријавен натпреварувач имаше на располагање бесплатна онлајн обука за јавен говор. Со учество во натпреварувањето, децата се квалификуваат за запишување во Академијата за идни лидери „Ѓорѓи Марјановиќ“, која целосно е бесплатна, информираа од фондацијата.

Објавено на

часот

Сподели

Да се реализира визијата на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ – Македонија да стане пристојно место за живеење, според Александар Марјановиќ, основач и извршен директор, значи да се вложи труд во најмладите да развијат во лидери кои ќе донесат развој.

„Една од мисиите на Фондацијата е да создава генерации на идни лидери кои ќе бидат носители на развојот во земјата. Книгата ја поттикнува љубопитноста и желбата за знаење кај детето. Уште на почетоците од образованието детето треба да ја совлада вештината на читање на книгата, а ние сакаме таа вештина да им помине во навика. Да се прочита текст, да се разбере и пренесе преку раскажување на околината, ја развива имагинацијата, креативноста и интелектуалниот развој на детето, со што влијае и на неговите резултати во школувањето. Нашата мотивација е да ги поттикнеме младите да стекнат навика да читаат и да ја развијат вештината на вербално изразување“, вели Марјановиќ.

Од Фондацијата објаснуваат дека учеството на натпреварот е бесплатно, а учесниците се натпреваруваат во раскажување на македонски јазик на прочитаните книги по сопствен избор, при што задолжителните лектири не се земаат предвид.

Победникот на натпреварувањето доби вкупна награда во вредност од 30.000 денари, второнаградениот од 19.500 денари, а третонаградениот награда од 11.200 денари.

Самиот натпревар е во две фази, при што првата фаза е со времетраење од 12 месеци. Во овој период учесниците читаат книги, ги раскажуваат пред врсници, додека родителот ги снима со мобилен и потоа ги доставуваат снимките. Втората фаза е супер финалето кое се одржа на Правниот факултет и учесниците пред публика и жири комисија раскажуваат приказни. На финалниот настан се оценуваа јавниот настап на учесникот преку дикција, интонацијата, флуентност, сценски настап и севкупен впечаток.

Натпреварот се реализира со одобрение на Министерството за образование и наука (МОН), во соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје и со поддршка на Филолошкиот факултет, Факултетот за драмски уметности, Институтите за македонски јазик и македонска литература, Македонската асоцијација на издавачи и Комората на психолози на Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ