петок, 25 октомври 2024

Финскиот премиер: Русија се спрема за долга војна

„Русија се подготвува за долга војна, а отпорот на нејзината агресија е клучниот предизвик на генерацијата“, кажа во Европскиот парламент финскиот премиер Петери Орпо.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Премиерот на Финска, земјата која со Русија има граница долга повеќе од 1.300 километри, на пленарната седница во Стразбур кажа дека руската агресија на Украина е силен потсетник на кревкоста на мирот во Европа, дека таа им се заканува на самите темели на Европската Унија и дека е клучниот предизвик на оваа генерација европско раководство.

„Русија очигледно се подготвува за долг конфликт со Западот“, кажа Орпо, премиерот на финската влада која е најдесна од крајот на Втората светска војна.

„Но, Русија не е непобедлива“, додаде поранешниот министер за внатрешни работи, земјоделство и финансии.

Финска во април стана 31 членка на НАТО, а Орпо истакна дека таа одлука не е донесена лесно, и дека е јасен сигнал на посветеноста на Хелсинки на безбедноста на континентот.

„Војната во Украина беше повик на будење. Не смееме никогаш повеќе да бидеме толку зависни од други за нашата безбедност и енергетика“, оцени тој.

Финскиот премиер кажа и дека Русија ја користи нелегалната миграција во Финска како оружје, испраќајќи државјани на трети земји преку нејзините граници.

„Тие бројки сè уште се релативно ниски, но феноменот е загрижувачки“, кажа Орпо, додавајќи дека тоа би можело да стане закана за националната и европската безбедност.

Тој порача дека ЕУ мора да покаже сила и да ги исполни своите потенцијали во време кога во светот се води борба меѓу демократските и авторитарните тенденции.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ