вторник, 17 септември 2024

Финалисти за наградите на ДПМ

Во полуфиналниот круг за традиционалните годишни награди на ДПМ за минатата, 2023 година, влегоа вкупно 21 дело. Во полуфиналниот круг за наградата на ДПМ за најдобро прозно дело влегоа седум книги, додека за во финалето беа одбрани „Ако се родат некакви чувства“, роман од Блаже Миневски (издание на „Матица“), „Заборав“, роман од Томислав Османли (издание на „ВиГ Зеница“) и  „Вонземјанки“, збирка раскази од Влада Урошевиќ (издание на „Или-или“).

Објавено на

часот

Сподели

Во полуфиналниот круг за наградата на ДПМ за најдобра поетска збирка влегоа шест дела, а тројцата финалисти се „Коњски житија“ од Зоран Анчевски („Арс ламина“), „За сите времиња“ од Братислав Ташковски („ПНВ публикации“) и „На врв на јазикот“ од Катица Ќулавкова („Арс ламина“).

За наградата на ДПМ за најдобра книга за деца и млади беа пријавени шест дела. Поради малиот број конкуренти, вториот круг беше воедно и финален круг, а во него влегоа „На крилјата на самовилското коњче“ од Александра Велинова („Едука Мак“), „Рокчето“ од Никола Маџиров („Арс Ламина“) и „Земјата на заборавените сказни“ од Билјана Црвенковска („Чудна шума“).

Во полуфиналниот круг за наградата на ДПМ за најдобра книга критика и есеистика влегоа пет дела, а поради изедначен број бодови, тука финалистите се четворица: „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски („Матица“), „Птици во аквариум“ од Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ (издание на „Полица“), „Живот во ролни“ од Горан Тренчовски (самиздат) и „Два опита (Конески и Старделов)“ од Ивица Џепароски (Филозофски факултет).

Наградата „Мост“ на ДПМ оваа година нема да биде доделена: на конкурсот се пријавија две книги, а согласно Деловникот потребни е да се пријават најмалку три дела за која било од наградите да биде конституирана жири-комисија и да биде избран победник.

Свеченото доделување на годишните награди на ДПМ за 2023 година ќе се одржи на 18 септември во 19 часот во главната сала на Друштвото на писателите на Македонија на ул. „Максим Горки“ бр. 18 во Скопје.

Претходно, во понеделник во 11 часот во просториите на Друштвото на писателите на Македонија ќе се одржи пес-конференција на која ќе бидат обзнанети добитниците на традиционалните годишни награди на ДПМ за 2023 година, чијшто конкурс минатата година беше одложен поради случувањата во Друштвото, односно долгата промена на раководството.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ