Македонскиот филм, во продукција на Фокус Покус, ја имаше својата британска премиера на 16-то издание на „Гримфест“, кој се вбројува во најзначајните жанровски компетитивни фестивали во Велика Британија. Одржан од 3 до 6 октомври, главната селекција на годинешниот фестивал вклучуваше 21 долгометражен филм од сите делови на светот, во најголем дел светски или британски премиерни прикажувања.
Со извонредна постава на хорор, научно-фантастични и фантастични филмови, фестивалот кулминираше со долгоочекуваното објавување на победниците на наградата „Грим рипер“ (Grimm Reaper), наградувајќи ги најдобрите во различни категории. Големиот добитник на наградата за најдобар филм беше „М“ на Вардан Тозија, филм што го воодушеви жирито со својот емотивен интензитет и длабоко тематско истражување. Жирито подвлече дека „М“ беше истакнат во речиси секоја категорија во која се натпреваруваше, што го прави јасен избор за годинешнта главна награда.
„Наградата за најдобар филм ја доби „М“ на Вардан Тозија. Дистописката приказна која доаѓа од Македонија и следи мало момче кое патува само, како последица на пандемијата што го опустоши човештвото“, пренесе престижниот „Скрин дејли“ (Screen Daily) непосредно по доделувањето на наградите.