недела, 24 ноември 2024

Филипче: Ова не е реформаторска влада, се размислува за партизација на судството

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче на народниот собир во с. Селце, Прилеп упати критика до премиерот Христијан Мицкоски, дека „за само 100 дена, ги открива плановите за целосна контрола на правосудството“.

Објавено на

часот

Сподели

„Ова не е реформаторска влада“, порача лидерот на СДСМ, Филипче на народниот собир во с. Селце.

Филипче проценува дека премиерот веќе рамислува да го партизира судството.

„Мицкоски вели дека ако резултатите од истрагите во судството не бидат според неговите очекувања, ќе предложи ‘негови луѓе’ за сите позиции во правосудството. Што значи тоа? Значи дека веќе размислува да го партизира судството, дека размислува како да го одземе тоа што со многу мака го стекнавмте – слободата и демократијата“, изјави Филипче.

Претседателот на СДСМ, Филипче посочи дека ваквите изјави се загрижувачки и всушност ги откриваат плановите на Мицкоски за констрола на правосудниот систем.

„За само 100 дена, Мицкоски веќе ги открива плановите за целосна контрола на правосудството. Ова не е реформаторска влада. Ова е власт која сака да ја врати Македонија назад во времето на страв и репресија“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

При тоа, Филипче, посочи дека за 100 дена ВМРО ДПМНЕ наместо да ги реформира институциите како што ветуваа, тие создадоа нови министерства и дополнителни трошоци за граѓаните.

Во однос на барањата за конструктивност од опозицијата, Филипче вели дека СДСМ нема да ја кочи иднината на земјата, но нема ни да биде параван за „пропаднатите политики“ на Владата.

„Слушам дека бараат конструктивност од опозицијата. Велат ќе сме биле вклучени во одлуките. Сакам јасно да им порачам, СДСМ не е ВМРО-ДПМНЕ и нема да ја кочи иднината на земјата и граѓаните за своја политичка корист. Но едно да биде јасно, СДСМ нема да наседне на нивните манипулации“, изјави Филипче.

Во обраќањето Филипче посочи дека СДСМ ќе даде поддршка за секое решение или подобра позиција која ќе ја договори Владата, но само ако тие решенија се реални и остварливи.

„Ако очекуваат дека СДСМ наивно ќе даде поддршка на идеи кои значат понатамошни блокади, решенија во кои никој не верува освен тие самите во Белата палата, тогаш се излажале. Ние нема да бидеме параван за нивните пропаднати политики. Нека покажат лидерство, нека покажат храброст и најважно од се, нека покажат искреност“, потенцираше Филипче и додаде дека доколку ВМРО ДПМНЕ не понуди реални решенија, СДСМ нема да биде соучесник.

„Нека понудат реални решенија околу кои може да се обединиме. Ако не, нема да бидеме соучесници во нивната пропаст“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, се наведува во партиското соопштение.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ