вторник, 22 октомври 2024
Пред изборите во СДСМ

Филипче и Деспотовски ветуваат комуникација со членството и одговорност пред нив

Кандидатите за претседател на СДСМ, Венко Филипче и Јован Деспотовски продолжија со секојдневни средби со членството и секојдневни соопштенија за јавноста. Деспотовски ако биде избран за лидер на партијата најавува дека повеќе нема да има „готови решенија“, туку за избор на кандидати и за општински советници ќе гласа локалното членство. Филипче е ја унапредува внатрепартиската демократија,ќе ја јакне врската на членството со раководството и ќе обезбеди гласот на секој член да е слушнат.

Објавено на

часот

Сподели

Кандидатот за лидер на СДСМ Венко Филипче вели дека од средбите со членството заклучил дека раководството не било доволно присутно на терен и дека не е доволно разговарано пред носењето на важни одлуки.

На средбата во општинската организација на СДСМ во населбата Аеродром Филипче тој нагласил дека планира проширување на секретарските места во партијата и формирање на нова позиција, секретар за односи со општинските организации. Главната задача на секретарот ќе биде структурирана и постојана комуникација со општинските и месните организации.

„Секретарот ќе треба да воспостави јасни и стандардизирани канали за комуникација помеѓу општинските организации и централното раководство. Секретарот под себе ќе има цел тим и ќе биде задолжен да организира редовни средби каде претставниците од ОО можат да ги изразат своите грижи, да споделат сознанија и да дадат повратни информации за партиските политики и иницијативи“, рече Филипче.

Тој вети нови алатки и механизми, преку кои членовите во непосредна и брза комуникација ќе ги евалуираат политиките и ќе споделуваат ставови за важни политички прашања.

„Ваквиот пристап според мене е критичен чекор кон унапредување на внатрепартиската демократија, обезбедување дека гласот на секој член е слушнат и поттикнување на посилна врска помеѓу централното раководство и членството. Ова тело ќе игра клучна улога во создавањето на транспарентна и ефективна партиска структура, што на крајот ќе доведе до пообединета и поодговорна СДСМ“, истакна Филипче.

Јован Десотовски, како кандидат за претседател на СДСМ, од матичната месна организација „Владо Тасевски“ во Карпош, ја продолжил кампањата за партиските лидерски избори. Деспотовски пред сопартијците ја претставил програмата „Нов почеток, нов СДСМ“ која, вели, се темели на враќање на силата на членството и нуди конкретни реформи за иднината на партијата. Дел од клучните реформи е професионализација на партијата, воведување на директен избор на носители на функции во партијата, градоначалници и пратеници, како и влијание на носење одлуки на сите партиски членови и структури, нагласува тој.

„Нема повеќе сервирање готови решенија. Уште пред три години најавив воведување на директен избор на претседатели на општинска организација, кандидати за градоначалници, пратеници и повисоки партиски функции преку непосредно гласање на членовите. Веќе на следните локални избори, кандидатите за градоначалник на СДСМ, па и носителите на листи за советници ќе бидат гласани од членовите во секоја општинска организација. Нема да ги определува централата во Скопје, како досега. Ова е единствениот начин како градоначалникот и пратеникот да бидат одговорни кон луѓето, а не кон централата во Скопје,“ рече Деспотовски.

Тој посочи дека оваа програма е отворена за предлози и идеи.

За Деспотовски, клучно во оваа фаза од изборите е да се обезбеди поголема регистрација на членовите за гласање и додава дека веќе е отворена можноста за регистрација само со матичен број.

„Учеството во изборите е клучно да имаме чист и фер процес, во кој никој освен избирачите нема да има контрола. Со поддршка на стотици наши членови веќе направивме систем во кој ќе обезбедиме секој глас да се евидентира правилно и резултатот на крај да ја отслика волјата на луѓето, а не на партиските струтури и центри на моќ. Само така СДСМ ќе победи на 30 јуни“, порача Деспотовски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ