Досиејата на ФБИ поврзани со посетата на Елизабета Втора во САД покажуваат дека ФБИ, кое помагало во обезбедувањето на монархињата за време на нејзините посети, било загрижено поради закани од ИРА. Меѓу досиејата се објавени информации за потенцијален атентат на сега покојната кралица. Кралицата и нејзиниот сопруг, војводата од Единбург, беа во официјална посета на западниот брег на САД во февруари и март 1983 година.
Документот достапен во онлајн-трезорот на ФБИ опишува разузнавачки податоци што им биле дадени на федералните агенти за закана по животот на кралицата во Калифорнија пред 40 години. Во досието се наведува дека полицаец што често одел во еден ирски паб во Сан Франциско, ги предупредил федералните агенти дека добил телефонски повик од маж што го сретнал во пабот, кој „има популарна репутација како републикански бар што го посетуваат приврзаниците на Привремената ирска републиканска армија“. Полицаецот рекол дека мажот му кажал дека сака да се одмазди за неговата ќерка, која била „убиена во Северна Ирска со гумен куршум“, пренесува Би-би-си.
Заканата дошла на 4 февруари 1983 – еден месец пред посетата на Елизабета Втора и нејзиниот сопруг принцот Филип во Калифорнија.
„Тој човек тврдеше и дека ќе се обиде да ја повреди кралицата Елизабета и дека тоа ќе го стори или со испуштање некаков предмет од мостот Голден Гејт врз кралската јахта Британија додека таа ќе плови под него или дека ќе се обиде да ја убие кралицата Елизабета додека е во посета на националниот парк Јосемити“, се додава.
Како одговор на заканата, Тајната служба планирала „да ги затвори патеките на мостот Голден Гејт додека се приближува јахтата“. Не е јасно какви мерки се преземени во Јосемити, но посетата се остварила. ФБИ нема објавено детали дека уапсило некого.
Во 1976 година, пак, кралицата била во Њујорк на прославите на Двестогодишнината на Америка. Документите откриваат дека бил упатен повик до пилот што со мал авион прелетувал над Батери Парк со натпис „Англијо, излези од Ирска“.
Досиејата покажуваат дека ФБИ останало на штрек во однос на она што го сметало за реален потенцијал за закани кон кралицата.
Нејзиниот втор братучед лорд Маунтбатен беше убиен во бомбашки напад на ИРА во близина на брегот на округот Слајго, Република Ирска, во 1979 година.
Објавен е друг документ во врска со државната посета на кралицата во САД во 1991 година, откривајќи дека ФБИ ја предупредило Тајната служба дека „ирски групи“ планираат да протестираат против доаѓањето на монархињата на бејзбол-натпревар заедно со претседателот Џорџ Х. Буш, како и поради нејзино учество на настан во Белата куќа.
ФБИ ги добило горенаведените информации врз основа на статија објавена во весникот „Ајриш едишн“. „Во написот се наведува дека антибританското расположение е во пораст како резултат на објавените неправди што на Бирмингемската шесторка ѝ ги нанел корумпираниот англиски правосуден систем и неодамнешниот бран брутални убиства од невооружени ирски националисти во шесте окрузи“, вели досието.
„Иако написот не содржеше закани против претседателот или кралицата, изјавите може да се сметаат за хушкачки. Во статијата стоеше дека ирска група резервирала голем блок влезници за трибините“, се вели.
Во посебно досие меѓу документите, од 1989 година, се вели дека иако ФБИ не знаело за никакви конкретни закани против кралицата, „секогаш постои можност за закана за британската монархија од Ирската републиканска армија“.