петок, 25 октомври 2024

Фајненшал тајмс: Демократите апелираат до Бајден да се откаже од кандидатурата по дебатата со Трамп

Американските демократи апелирале до Џо Бајден да се откаже од кандидатурата за реизбор по „несигурниот“ настап на претседателската дебата со Доналд Трамп кој повторно ја истакна загриженоста за годините на претседателот и неговата способност за функцијата, пишува денес Фајненшал тајмс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Едвај зборувајќи синоќа, 81-годишниот Бајден повеќе пати се плеткаше со сопствените зборови, даваше нејасни одговори или се чинеше дека го изгубил текот на мислите, додека Трамп го обвини дека е најлошиот претседател во историјата на Соединетите Американски Држави.

Дебатата беше голема шанса за Бајден да ја отфрли големата загриженост во врска со неговите години, пред телевизиската публика од повеќе десетици милиони американски гласачи.

Меѓутоа, еден демократски пратеник кажа дека настапот на Бајден предизвикал голема паника на Капитол, наведува ФТ.

„Многу демократи во Претставничкиот дом, кои претставуваат широк пресек на демократскиот клуб, приватно едни на други си испраќале пораки дека Бајден треба да објави дека одлучил да не се кандидира за реизбор. Потребен ни е нов кандидат“, кажал неименуваниот пратеник.

„Бајден треба да се однесува патриотски и да се повлече. Потребна ни е отворена конвенција, која би го придвижила американскиот народ повеќе од што било што досега сме виделе“, навел истиот извор.

Еден инсајдер од Демократската партија кажал по дебатата дека постоело „поголемо ниво паника отколку што мислел дека е некогаш возможно“.

„Ги потврди нашите најлоши стравувања“, кажал друг демократ.

Некогашниот виш советник на поранешниот претседател Барак Обама, Дејвид Акселрод, кажа за Си-ен-ен дека Бајден постигнал поени со некои политички прашања, но додал: „Ќе има разговори за тоа дали треба да продолжи“.

Поранешниот менаџер на кампањата на Бајден Дејвид Плуф го спореди моментот со момент на највисоко ниво на готовност на американските оружени сили.

Тој за Ем-ес-ен-би-си кажа дека меѓу Бајден и Трамп има три години разлика, но во вчерашниот настап изгледало дека има 30 години разлика.

Меѓутоа, Бајден доцна синоќа делувал непоколебливо и на новинарите им порачал: „Мислам дека добро поминавме“.

На прашањето за повиците да се повлече и дали има каква било загриженост во врска со својот ефект во дебатата, Бајден кажа дека го болело грлото и одговори „Не“ и „Тешко е да се расправа со лажго“.

Сепак, многумина од влијателните демократи застанаа во одбрана на актуелниот претседател.

Гевин Њусом, гувернерот на Калифорнија кој се смета за иден претседателски кандидат, кажа дека прашањата за тоа дали Бајден треба да остане кандидат се „непотребни“.

„Мораме да го поддржиме претседателот. Не вртите грб поради еден настап. Која партија го прави тоа?“, праша Њусом.

Одговорите на актуелниот американски претседател станале „порешителни“ подоцна во текот на 90-минутната дебата, додава ФТ.

На прашањето дали е премногу стар за да биде претседател, Бајден одговори: „Овој тип е три години помлад и многу помалку компетентен… само погледнете го ефектот. Погледнете што направив. Погледнете како ја свртев ужасната ситуација која ми ја остави“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ