вторник, 22 октомври 2024

Фајнанс тинк: И во третиот квартал продолжи забавувањето на економската активност

Во третиот квартал од 2023 година, БДП се зголеми за 1.2% на годишна основа, што е продолжение на забавувањето на економската активност кое отпочна порано. Главен двигател на забавувањето е надворешната побарувачка, која се рефлектира во значителен пад на извозот (-5%), и бруто инвестициите (-18.2%), двете резултат на забавената активност и негативните стапки на раст на економиите од главните трговски партнери и на продолжената неизвеност. Ова се вели на почетокот на макроекономскиот монитор на Институтот за економски анализи Фајнанс тинк.

Објавено на

часот

Сподели

Сепак, падот на извозот е наткомпензиран со истовремен пад на увозот     (-9.8%), којшто ја одразува увозната зависност на производството за извоз, посебно во слободните економски зони. Личната потрошувачка и понатаму релативно солидно расте (2.8%), движена од враќањето на реалниот раст на платите во позитивна зона и од солидниот раст на другите доходни компоненти на населението. Додека, падот на јавната потрошувачка (-3%) е во линија со релативната фискална консолидација. Индустријата и градежништвото го продолжија падот (-0.8% и -13%, соодветно), наспроти повеќе од услужните дејности кои забележаа солиден раст.

Невработеноста во третиот квартал од 2023 се намали на 12.8% (од 13.1% во претходниот квартал). Вработеноста благо се зголеми на 45.7% (од 45.5% во претходниот квартал), додека активноста на пазарот на труд остана стагнантна на 52.4%. Овие движења се поволни, но значајно побавни од претходно.

Во третиот квартал од 2023, инфлацијата забави на 7.8% на годишна основа, од 11.2% во претходниот квартал. Забавувањето е водено од намалувањето на глобалните притисоци кај храната и енергијата и од високата споредбена основа во истиот квартал од 2022, но во тековниот квартал повторно се појавија домашни притисоци врз цените на храната од одредени трговски и корпоративни практики. Сепак, базичната инфлација од 7.1% во третиот квартал од 2023 укажува дека ценовните притисоци во голем дел сега произлегуваат од останатите сегменти од потрошувачката кошничка.

Фајнанс тинк ја задржува проекцијата за раст на БДП во 2023 на 1.7% и за раст на цените на 9.7%. За следната 2024 година и проектира стапка на раст на БДП од 2.7% и стапка на раст на цените од 3.8%.

Економското забавување кое е моментално на сцена ќе продолжи до крајот од 2023 и најмалку во првата половина од 2024 година. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ