среда, 24 јули 2024

Европскиот парламент го усвои Законот за вештачката интелигенција

Објавено на

часот

Сподели

Европската Унија веќе две години расправа за овој закон, кој би можел да стапи во сила на почетокот на 2025 година, а ќе го регулира секој производ или услуга што користи систем за вештачка интелигенција, потсетува АП.

Првиот сеопфатен закон за вештачка интелигенција предвидува правила за примена на АИ во услови на различни нивоа на ризик, од минимални до неприфатливи.

Ќе бидат забранети АИ-системите со „неприфатлив ризик“ што се сметаат за закана затоа што анализираат, предвидуваат и влијаат на социјалното однесување на луѓето на неприфатлив начин за луѓето.

Станува збор за системи за „социјално бодување“, кои ги класифицираат луѓето врз основа на однесувањето, социо-економскиот статус или личните карактеристики, и системи за биометриска идентификација во реално време и на далечина, како што е препознавање на лицето.

Сепак, партиите од десниот центар во последен момент додадоа амандман со кој се дозволува употреба на тие системи во ситуации како што се потрага по исчезнати деца, идентификување на осомничени криминалци и спречување терористички закани.

Системите во категоријата „висок ризик“, како што се апликациите за вработување или производи наменети за деца, ќе се соочат со построги барања и правила за ограничувања во однос на транспарентноста и користењето податоци.

Законот нема премногу да ги ограничува системите со „ограничен ризик“, категоријата во која најверојатно ќе се класифицира генераторот на текстови ЧетГПТ. Сигурно е дека сите услуги создадени со помош на вештачка интелигенција ќе имаат посебни ознаки и дека моделот ќе спречи генерирање нелегални содржини.

Системите за вештачка интелигенција со „ограничен ризик“ треба да се усогласат со минималните барања за транспарентност што ќе им овозможат на корисниците да донесуваат информирани одлуки. По интеракцијата со апликациите за тоа, корисникот може да одлучи дали сака да продолжи да ги користи.

Корисниците треба да бидат известени кога се во интеракција со вештачка интелигенција, како и кога АИ-системите генерираат или манипулираат со слики, аудио или видеосодржини, на пример „Дипфејк“.

Според предлог-законот, компаниите што сакаат да продаваат „ризични системи“ во Европа мора да исполнат строги услови и да воспостават „справување со ризик“ за своите производи.

Ќе има проверки на податоци со кои се воспоставуваат посебни програми за вештачка интелигенција, а компаниите се обврзани да ги информираат корисниците на ваквите системи за целта за која ќе се користат нивните податоци што ги внесуваат.

Претседателот на компанијата што стои зад софтверот за вештачка интелигенција ЧетГПТ, Сем Алтман, предупреди за време на посетата на Германија за опасностите од преголемата регулација, но не ги повтори претходните закани дека популарниот софтвер нема да биде достапен во Европа доколку нејзините закони се премногу строги.

Европратеникот Рене Репаси, сепак, рече дека нема потреба за грижа, бидејќи европскиот пазар, со 450 милиони потрошувачи, е премногу атрактивен за понудувачите на вештачка интелигенција да го заобиколат.

„Оној што тука сака да ја продава својата вештачка интелигенција мора да ги почитува нашите стандарди“, вели Репаси, кој го следи ова прашање за европските социјалдемократи.

Репаси вели дека европратениците се во постојан контакт со своите американски колеги бидејќи велат дека ЕУ сака да создаде „стандарди што имаат смисла, а не оние што се меѓусебно во конкуренција“.

Европската Унија не е голем играч во најсовремениот развој на вештачката интелигенција. Таа улога ја преземаат САД и Кина, но Брисел често поставува регулативи што имаат тенденција да станат глобални стандарди.

Минатата година Белата куќа објави „Нацрт-закон за правата за вештачката интелигенција“, кој поставува пет принципи за спречување на дискриминацијата и заштита на приватноста и безбедноста на корисниците, додека Американскиот институт за стандарди и технологија во јануари ја објави својата рамка за справување со ризикот од вештачката интелигенција.

Од друга страна, Велика Британија, која ја напушти ЕУ во 2020 година, се бори за позицијата лидер во ова напредно технолошко поле. Премиерот Риши Сунак планира наесен да биде домаќин на светскиот самит за безбедност на вештачката интелигенција.

„Вештачката интелигенција има невиден потенцијал да ги трансформира нашите животи на подобро. Но мораме да се погрижиме да биде развиена и да се користи сосема безбедно“, рече Сунак и додаде дека Британија не ризикува да биде исклучена од подготовките што ги спроведуваат Европската Унија и САД.

Еден од креаторите на вештачката интелигенција, поранешниот соработник на Гугл, Џефри Хинтон, неодамна во интервјуа предупреди за опасностите од неговиот сопствен производ, кој може да стане поинтелигентен од луѓето што го создале.

Тој изрази став дека сè уште не може да се видат промените што вештачката интелигенција ги носи на пазарот на труд и дека дури и оние што ги развиваат овие системи и водечките луѓе на Мајкрософт или Гугл признаваат дека веќе не знаат точно како функционира примената на вештачката интелигенција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ