вторник, 22 октомври 2024

Европскиот парламент го повика НАТО да го отвори патот за членство на Украина

Објавено на

часот

Сподели

Во резолуцијата која беше усвоена со 425 гласа за, 38 против и 42 воздржани, се изразува очекување дека пристапниот процес за членство во НАТО „ќе започне веднаш кога ќе заврши војната и дека ќе биде завршен што е можно поскоро“, соопштија од Европскиот парламент.

Европратениците изјавија дека додека не се постигне полноправно членство, ЕУ и нејзините членки, заедно со сојузниците во НАТО и истомислениците, мора тесно да соработуваат со Украина за да развијат привремена рамка за безбедносни гаранции, која треба да се примени веднаш по војната.

„Парламентот нагласува дека интеграцијата на Украина и во НАТО и во ЕУ ќе ја зајакне регионалната и глобалната безбедност и ќе ги зајакне врските меѓу Украина и евроатлантската заедница“, се наведува во соопштението.

Европратениците остро го осудија рушење на браната Каховка на 6 јуни од страна на руските сили, оценувајќи дека станува збор за воено злосторство што предизвика големи поплави и еколошка катастрофа, како и екоцид во Украина.

„Сите одговорни за воените злосторства, вклучително и уништувањето на браната, ќе одговараат во согласност со меѓународното право“, рекоа пратениците.

Парламентот ја поздрави одлуката на Европскиот совет да ѝ додели кандидатски статус на Украина во 2022 година и изрази надеж дека Европската комисија ќе даде позитивна препорака откако земјата ќе ги спроведе седумте чекори наведени во мислењето на Комисијата.

Европратениците бараа јасен пат за почеток на пристапните преговори со ЕУ, кои, со доволно поддршка би можеле да започнат веќе оваа година.

Парламентот, исто така, повика на усвојување на сеопфатен пакет на ЕУ за закрепнување на Украина, кој треба да биде насочен кон итна, среднорочна и долгорочна помош, реконструкција и обнова.

Во резолуцијата се истакнува дека е важно обновата на Украина да биде поврзана со нејзините подготовки за членство во ЕУ и внатрешните реформи, како и во согласност со Европскиот зелен договор.

„Тоа ќе помогне да се трансформира земјата во дигитално модерна, социјална држава без јаглерод и пазарна економија“, се вели во соопштението.

Украина во септември минатата година поднесе барање за членство во НАТО. Следниот самит на таа воена алијанса ќе се одржи на 11 и 12 јули во Вилнус.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ