Пет претставници на либералите, популистите, социјалистите, зелените и левицата, четворица Германци и еден Холанѓанец, се автори на извештајот што предлага измени на европските договори, меѓу другото, да се укине едногласното одлучување при носењето одлуки, да се зајакнат законодавните надлежности на Европскиот парламент и да се воспостави енергетска и одбранбена Унија.
Извештајот беше прифатен денеска со 291 глас „за“ и 274 „против“.
„Од Лисабонскиот договор светот драматично се промени“, рече либералот Ги Верхофстат во расправата за извештајот на пленарната седница во Стразбур, предупредувајќи дека ваквата ЕУ не е подготвена за „побрутален свет“, ниту за проширување.
Breaking !
European Parliament proposes radical and ambitious reform of the treaties – ending unanimity and creating a defence union ??✊? pic.twitter.com/CXKpMpfPWW
— Guy Verhofstadt (@guyverhofstadt) November 22, 2023
„Реагираме премалку или предоцна бидејќи сме парализирани од едногласноста при донесувањето одлуки“, рече поранешниот белгиски премиер, кој тврди дека правото на вето и уцената станале „стандардна практика во ЕУ“.
Европскиот совет одлучува едногласно, а Советот на Европската Унија го користи овој принцип кога носи одлуки за голем број „деликатни“ прашања како што се надворешната и безбедносната политика, финансиите, дел од одредбите во судството и внатрешните работи, членството во ЕУ и други.
Во Европската Унија во тек се дискусии дали едногласното одлучување треба да се замени со квалификувано мнозинство за да се забрза одлучувањето во алијансата, но на тоа се противат низа држави.
Верхофстат и неговите колеги предлагаат создавање „засилено“ квалификувано мнозинство со кое одлуките ќе ги носат две третини од членовите што претставуваат повеќе од 50 отсто од населението. Либералот тврди дека тоа „драстично ќе го подобри“ статусот на „помалите или средните членови“. Тој нагласи дека со тоа „не се создава европска супердржава“ и дека „ЕУ не може да се прошири“ без оваа реформа.
Свен Симон од Европската народна партија рече дека прашањето не е избор меѓу федерализмот и националните држави, туку начин ЕУ да се направи пофокусирана и поспособна да дејствува.
„Треба да постигнеме одбранбен сојуз за да можеме да се браниме, што денес не е случај“, рече Симон, нагласувајќи ја потребата од енергетска соработка. Европа мора да ги заштити своите граници, што е невозможно без договор за миграциската политика, која постојано е блокирана со ветоа.
Тој им порача на „загрижените колеги“ дека ова е „првиот чекор на долгиот пат“, бидејќи секоја реформа на договорот треба да биде одобрена од сите членки.
Социјалистката Габриела Бишоф рече дека реформите и проширувањето се „две страни на една иста пара“.
„Затоа е важно да се разберат импликациите од тоа. Не може да има 35 членки што можат да стават вето, мора да бидеме поефикасни“, рече Бишоф.
Претставникот на зелените Даниел Фронд го наведе унгарскиот премиер Виктор Орбан како пример за „една личност поради која е блокирана целата Европска Унија“.
„Тоа не е само недемократски, туку е и безбедносен проблем“, рече тој.
Комесарот на Комисијата за меѓуинституционални односи и администрација, Марош Шефчович, во дискусијата рече дека светските кризи ги покажале ограничувањата на сегашната правна рамка.
„Следниот голем приоритет пред нас е проширувањето. Тоа може да биде катализатор за промени. Додека ја шириме нашата Унија, можеме и да ја продлабочиме“, заклучи тој.