Парите се всушност камати од замрзнатиот руски имот. Од одамна постојат планови за тие пари да се „пренасочат“ кон Киев. Советот на ЕУ сега, со противење на Унгарија, се договори околу тоа за помош на Киев да се искористат околу 90 отсто од каматите на рускиот имот.
Според Европската комисија на подрачјето на ЕУ е замрзнат имот вреден околу 210 милијарди евра. Според некои проценки секоја година на тој имот во просек се „заработуваат“ меѓу 2,5 и 3 милијарди евра како камати. За 2023 финансискиот институт Еуроклиар, со седиште во Белгија, пресметал дека каматите на рускиот имот изнесувале 4,4 милијарди евра.
Борел соопшти и дека е „најдена правна постапка со помош на која се спречува секаков вид блокада“. Притоа мислеше веројатно на Унгарија и противењето на земјата приходите од каматите на рускиот имот да одат во Киев.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто најави дека неговата земја ќе ги истражи правните можности кои ѝ се на располагање против постапката на ЕУ, пренесува Ројтерс.
ЕУ со оваа одлука „ја преминува црвената линија“, порача Сијарто на социјалната мрежа Икс. Шефот на унгарската дипломатија оцени дека ова е „кршење на заедничките европски прописи без преседан“.