петок, 18 октомври 2024

Епл го изгуби статусот на највредна компанија во светот

Два технолошки гиганти се борат за титулата највредна компанија во светот. Мајкрософт за првпат од 2021 година го помина Епл и стана највредна компанија во светот според пазарната капитализација – која ја мери вредноста и бројот на акции на компанијата, пренесува Ројтерс.

ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Мајкрософт, со седиште во Редмонд во сојузната држава Вашингтон, го помина Епл во текот на денешното тргување на Њујоршката берза (НЈСЕ) кога неговата вредност порасна за 1,5 отсто и достигна 2,888 билиони долари. Епл, со седиште во Купертино во Калифорнија, падна за 0,3 отсто со пазарна капитализација од 2,887 билиони долари.

Акциите на Епл падна за 3,3 отсто до сега во јануари, во споредба со растот на Мајкрософт од 1,8 отсто. Падот на Епл следи по низата снижувања на рејтингот и растот на загриженоста дека продажбата на ајфон, најпрепознатливиот производ на компанијата, ќе остане слаба, особено на главниот пазар во Кина.

„Кина би можела да биде сопирачка во претстојните години“, порача брокерската куќа Редбурн Атлантик, укажувајќи на повторната конкурентност на Хуавеј и кинеско-американските тензии кои го засилија притисокот на Епл.

Акциите на Епл ја завршија минатата година со добивка од 48 отсто. Тоа беше пониско од растот од 57 отсто на Мајкрософт, кој во 2023 година ги исфрли алатките засновани на генеративната вештачка интелигенција благодарение на поврзаноста со ОпенАИ, компанијата заслужна за ЧетГПТ.

Мајкрософт последен пат го презема водството над Епл како највредна компанија во 2021, кога загриженоста поради проблемите во синџирот на снабдување предизвикани од ковид пандемијата ја погоди цената на акциите на произведувачот на ајфон.

Во моментов Волстрит е попозитивен кон Мајкрософт. Компанијата нема оценка „продавај“ и речиси 90 отсто од брокерските куќи препорачуваат купување акции.

Епл има две оценки „продавај“ и само две третини од аналитичарите кои ја следат компанијата препорачуваат купување акции. Двете акциите изгледаат релативно скапо во смисла на цената во однос на нивната очекувана заработка, што е вообичаен метод за вреднување на јавно котирачките компании.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ