вторник, 16 јули 2024

Eлена Петрова ја презеде директорската фунција во УЈП

Елена Петрова денеска формално ја презеде функцијата директорка на Управата за јавни приходи од заменик-директорот Мевљудин Синани. Со УЈП повеќе години раководеше Сања Лукаревска, до неодамна и заменик претседател на СДСМ.

Објавено на

часот

Сподели

„Елена Петрова е професионалец со долгогодишно работно искуство во УЈП, која во моментот на назначувањето беше раководител на Секторот за наплата и управување со долгови“, соопштија денеска од УЈП.

Директорката Елена Петрова изјавила дека нејзина долгорочна и стратешка агенда е трансформацијата на УЈП, создавање „нов лик” на УЈП, „нов амбиент” и за даночните обврзници, за даночните службеници и за соработниците на даночната администрација.

„Во УЈП ќе поттикнам динамичен курс на работа со цел за дигитализација и трансформација, за да обезбедиме плаќањето данок и услугите од УЈП да бидат најмало можно административно оптоварување, а што повеќе да бидат природно вградени во деловните системи на компаниите и на близок дофат на граѓаните“, изјавила Петрова.

Обраќајќи им се на даночните обврзници, Петрова истакнала дека ќе негува кооперативност со даночните обврзници преку мрежи за директна соработка и отворена дебата за сите заеднички предизвици во плаќањето даноци и остварувањето на даночните права.

„Даночните обврзници спроти себе нема да имаат бирократи кои настапуваат од позиција на моќ, туку администрација која обезбедува лесно достапни информации, едноставни алатки и директна помош кои ќе водат кон точно плаќање на даночните обврски и лесно и брзо оставрување на своите права“, нагласила таа.

Новата директорка на УЈП ќе се залага за интензивна соработка со меѓународните организации, експертската јавност, медиумите и други засегнати страни, со цел со заеднички напори да оствариме позитивно влијание, зголемена даночна свест и даночен морал во општеството.

Петрова најавила и бескомпромисна борба со неплаќачите и затајувачите на данок и криминалните даночни измами, како и одговорност и казни за секој што ги оштетува народните пари заради противправно стекнување лична имотна корист.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ