Претходните проекции покажуваа дека ПЕС би можела да освои 30 отсто од гласовите. Вонредните избори во Црна Гора ги обележа рекордно ниска излезност од околу 55 отсто.
Движењето Европа сега е политичка партија настаната од првата влада формирана по парламентарните избори во 2020, а лидери и се некогашните министри во владата на поранешниот премиер Здравко Кривокапиќ, Милојко Спајиќ и Јаков Милатовиќ.
Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ освоила 22 отсто од гласовите, или 22 пратеници, иако на нејзината изборна листа по повеќе од три децении ги немаше Ѓукановиќ и неговите најблиски соработници. Ѓукановиќ поднесе оставка на местото лидер на партијата по поразот на претседателските избори во април.
Коалицијата на Обединета реформска акција и Демократска Црна Гора, на актуелниот премиер Дритан Абазовиќ и поранешниот претседател на парламентот Алекса Бечиќ, освоила 13 отсто од гласовите, или 11 пратеници.
Коалицијата настаната со распаѓањето на просрпскиот Демократски фронт, сочинета од Нова српска демократија и Демократска народна партија, освоила 15 отсто од поддршката на гласачите, или 14 пратеници.